Во изминатиот период голем е бројот на лекарите кои ја напуштија земјава и заминаа по европските држави да ја градат својата докторска кариера и да напредуваат. Голем е бројот и на општи лекари од Кавадарци кои заминаа на работа во Германија и други европски држави. Врвни лекари од јавното здравство заминаа да работат за повисоки плати во приватните болници во земјава.
Во предизборието власта и опозицијата се препукуваат за здравството. Власта ветува нова опрема. Само 900 илјади евра, како што рече министерот за здравство Никола Тодоров, ќе чини опремата за кавадаречката болница, со што оваа установа ќе прераснела во мини ургентен центар.
Лекарите со кои разговаравме велат дека не се задоволни од платите кои ги земаат, бидејќи се изложени на секојдневен стрес со цел да спасат нечиј живот.
И градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов смета дека платите на докторите во јавното здравство се ниски.
СДСМ најавува повисоки плати за лекарите доколку ја добиеле подршката од граѓаните, но и високо квалитетни услови за лекување на македонските граѓани во јавното здравство.
Немаат кредибилност ветувањата на СДСМ за покачувањето на платите на лекарите, изјави во Кавадарци министерот за здравство Никола Тодоров, одговарајќи на наше новинарско прашање, околу платите што ги земаат лекарите и ветувањата за повисоки плати од опозицијата.
-Опозицијата е јака на вилица, тоа добро го знаеме. Секогаш знаат да ветат нешто, а никогаш тоа не го реализирале. Најдобар одговор на тоа е да се запрашаме: Дали некогаш претходно ги покачиле платите? Имале можност, биле во позиција да управуваат и со Министерството за здравство и со Владата и никогаш не ги покачиле платите на лекарите. Напротив, спротивно на тоа што они го зборуваат ние веќе сме го направиле. За 25 % се покачени платите и на докторите во Клиничкиот центар во Скопје и на докторите во сите општи болници . Покачена е платата и на специјалистите во Здравствените домови и на докторите во Итната медицинска помош, рече Тододров.
Тој нагласи дека примањата на еден доктор специјалист во болниците низ Македонија се движи во овој момент некаде околу 50 до 60.000 денари и треба само да се спореди платата со времето кога СДСМ биле на власт. Потенцираше дека немаат кредибилност ветувањата на СДСМ.
Лагите и лицемерието на НиколаГруевски и Никола Тодоров немаат крај – одговараат од СДСМ на најавите од власта за инвестиции во здравството.
За да ги заштитиме, за да ги задржиме лекарите и медицинскиот персонал во јавното здравство, за да го спречиме, овој голем одлив и во приватното здравство и во странство ќе ги зголемиме
платите и на лекарите и на целиот медицински персонал, на тој начин ќе овозможиме добра здравствена заштита, квалитетна здравствена заштита за секој граѓанин во Република Македонија. – велат од СДСМ
Само на таков начин ќе добиеме јавно здравство кое што ќе лекува. Само на таков начин граѓаните на Република Македонија, ќе се одлучат за живот дома во татковината. – велат од СДСМ. (повеќе во видео изданието на вестите)
Ангел Данов

Додади коментар