Годинава ќе започне изградбата на пазар и деловно-трговски центар
11-01-2014 РЕГИОН

За годинава во програмата за развој на општина Кавадарци се планирани неколку капитални проекти кои треба да ги подобрат состојбите во градот и општината. Меѓу планираните такви проекти е и изградбата на градски пазар.

Проектот опфаќа покрај пазарот и подземен паркинг и деловен трговски центар. Како што нагласуваат од секторот за локален економски развој, со овој проект треба да се намали проблемот со паркирањето во централното градско подрачје, ќе се овозможат нови локации за вршење трговско-стопанска дејност и осовременување на градскиот зелен пазар.

Вкупната површина на овој објект изнесува 14.405 метри квадратни од кои 2867 квадрати подземна гаража, пазар со површина од 2755 метри квадратни. Првиот кат се планира со површина од 2878 квадрати, а вториот кат со 2947 квадрати и подкровје од 2958 метри квадратни.

„Со овој проект ќе се добијат 89 нови деловни единици и тоа 31 деловна единица на приземје, 21 на првиот, 32 на вториот и 5 деловни единици на поткровјето“ велат од секторот за локален економски развој.

Општината овој проект ќе го реализира преку јавно приватно партнерство во неколку фази, а првата ќе отпочне годинава. Финансиски овој проект е проектиран на околу 7 милиони и 100 илјади евра.

Ангел Данов



Share

Додади коментар