По враќањето на пратениците на СДСМ во парламентот ќе посветиме внимание на барањата на лозарските здруженија за повисока откупна цена на грозјето, вети потпретседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска која викендов со дел од раководството на партијата имаа средби со кавадарчани и со производители на грозје.
„Тука сме за убаво. И да посакам успешен гроздобер. Не е само да си посакуваме добри желби. Треба да испратиме и порака до оние кои живеат од грозјето, дека нивните желби и апели ќе се земат предвид. Ние како СДСМ и нашата пратеничка група во Собранието ќе се залагаме да се остварат барањата на лозарските здруженија во поглед на цените. Само на таков начин ќе го запреме тонењето на земјоделството, бидејќи и покрај тоа што се зборува за многу пари, за многу субвенции, на крај животот на земјоделците е потежок, а и производството не оди напред, во некои гранки дури и се уназадува“, порача Шеќеринска
Со враќањето на пратеничката група на СДСМ во парламентот се исполнети дел од содржината на договорот за надминување на полтичката криза, рече Шеќеринска.
„Разговорите течат, но тешко одат. Власта се' ќе вети, се' ќе најави, како во Кавадарци ќе отвора два пати иста градинка, меѓутоа ако и' спомнете владеење на правото, кривична одговорност за сите што го кршеле законот, тие бегаат како ѓавол од крст. Власта знае дека притисокот е на нив. Договорот е многу прецизен. До 15 септември мора да биде избран специјален јавен обвинител, кој ќе обезбеди истрага, независна, автономна, за тоа кој стои зад прислушувањето и зад сите злоупотреби, кои станаа видливи од прислушуваните разговори. Без тоа Македонија не може да тргне напред и затоа ние во овие разговори не бараме ни повеќе ни помалку од тоа што е договорено. Независна истрага, која ќе покаже дека во Македонија не можете да бидете криминалец, а да останете надвор од законот. До 15 преговорите ќе бидат многу тешки. Но ако ВМРО спречи избор на јавен обвинител, јасно е дека договорот нема да преживее“, нагласи Шеќеринска во изјавата за медиумите.
А.Д

Додади коментар