Дождот го прекина гроздоберот

Дождот кој денеска паѓаше во Тиквешко негативно влијае врз гроздоберот, се пожалија лозарите од најголемиот лозаровинарски регион во Македонија. Производителите на грозје беа изненадени од дождовните капки среде лозјата па се разбегаа да се скријат за да се заштитат. Нашиот фотоапарат регистрираше напуштени ниви во кои само полните вреќи со грозје и оставените трактори немо говореа за штетите што ги трпи лозаропроизводството.

-Секоја година е вака, како за инает, се разврнува баш за време на гроздобер. Како последица на дождот ни се случува ширата од набраното грозје во приколиците да ни истече по нивите и патиштата. Се молиме на Бога да престане да врне оти после сушата и дождот ќе ни земе данок од лозовите плантажи-рекоа лозари.
Лидерот на лозарите Љупчо Аризанов потврди дека дождот негативно ќе влијае врз гроздоберот оти ќе се намали шеќерноста на грозјето.
Сепак има и такви лозари кои во дождот гледаат благодет оти сметаат дека така нивното грозје ќе “одврати” па ќе добие на килажа.


С.Д.



Share

Додади коментар