Донаторска вечер организираше Ротари клуб Кавадарци
28-12-2015 РЕГИОН

Членовите на ротари клуб Кавадарци викендов ја одржаа традиционалната донаторска вечер. Собраните средства од оваа нивна забава ќе бидат наменети повторно за помош во заедницата под мотото „За децата на Кавадарци“. Ротаријанците се задоволни од тоа што досега успееа да го реализираат, а најавуваат и нови проекти за во иднина.

 

„ Во програмата за ова година ние имаме предвидено два проекти од кои едниот е веќе реализиран. На 4 декември беше предавањето на сензорната соба во специјалната паралелка за лица со посебни потреби во ООУ „Страшо Пинџур“. Тој проект е завршен, а за дополнителен проект за оваа година е изградбата на фитнес центар на отворено. Се јави потребата за инсталирање на справи на отворено, имајќи во предвид дека спортскиот центар  „Јасмин“ се користи за различни спортски активности. Си го земавме и  тој проект, како главен проект, да биде искористен за младите и за пошироката заедница. Тука постои и една друга можност. Благодарение на нашите пријатели и нашите донатори би биле задоволни доколку успееме да собереме довоолно средства за реновирање на детското одделение во општата болница, реновирање на соби, санитарни јазли проемена на душеци и постелнина“ рече претседателот на ротари клуб Кавадарци, Јован Николов.

 

На ротаријанската донаторска вечер присуствуваа и гости од збратимениот ротари клуб од Перич- Р. Бугарија и три други клубови од Софија, како и гости од ротари клубови во Македонија. Нивните претседатели ја нагласија успешната соработка, потенцирајќи дека нивната заедничка цел е да се дава помош таму каде е најпотребна.

А.Д



Share

Додади коментар