Македонските граѓани интензивно се подготвуваат за претстојната грејна сезона. Некои купуваат огревно дрво, некои јаглен, брикети, а оние кои се дел од мрежата на топлинска енергија ќе плаќаат сметки за парно или ќе користат електрична енергија за затоплување на своите домови. Но, како и да е, грејната сезона создава главоболки оти таа претставува најголемата ставка од буџетот на просечното македонско семејство.
Според анализите еве кои македонски граѓани најекономично ќе ја поминат зимата која претстои. Пресметките велат дека најевтино ќе поминат граѓаните што ќе се снабдат со огревно дрво. Цените речиси и не се променети во однос на ланските и тие по приватните складови заедно со превозот се движат од 2.600 до 3.100 денари за должен метар, во зависност од тоа дали дрвата се букови или дабови.
Доколку просечно се купуваат од 6 до 8 кубици дрва (букови или дабови), тогаш ќе треба да се потрошат од 16.000 до 24.000 денари за целата грејна сезона. Тон јаглен чини 3.600 денари, а ако за цела зима се потребни околу 5 тони, тогаш оваа инвестицијата ќе ве чини 18.000 денари. И брикетите се користат како алтернатива за затоплување.
Во моментов на пазарот се уште не се нудат, оти искуството од лани покажало дека се неисплатливи, па можно е трговците годинава и да не ги набават.Потрошувачите на топлинска енергија за стан со просечна површина од 65 квадратни метри ќе треба на енергетската компанија да и платат за услугата за сите грејни месеци околу 33.000 денари, а оние кои ќе користат електрична енергија, ќе треба да платат сметки за време на грејната сезона што ќе ги чини од 30.000 денари до 35.000 денари.
Огревното дрво и годинава има најниски цени во ЈП "Македонски шуми". Оттаму велат дека околу 80% од залихите веќе се договорени, а дел се и испорачани. Меѓу прво снабдените и веќе безгрижни за престојната сезона се пензионерите. Тие се години преку здружението на пензионери добиваат огревно дрво од подружница Бор Кавадарци. И за кавадарчани нај исплатливи се дрвата, но не се ретки ни тие што и оваа зима ќе се греат на струја.

Додади коментар