Еуроникел индустри потпиша меморандум за соработка со СОУ „Ќиро Спанџов Брко“
15-12-2020 РЕГИОН

Компанијата „Еуроникел индустри“ денеска потпиша меморандум за соработка со СОУ „Ќиро Спанџов Брко “ од Кавадарци. Како што информираше директорот на „Еуроникел“, Ѓерасим Кујунџиев, соработката е на повеќе нивоа, а исто така ученици од ова средно стручно училиште ќе извршуваат феријална пракса.

 

„Денеска потпишуваме меморандум за соработка со СОУ Ќиро Спанџов-Брко. Овој меморандум опфаќа соработка на повеќе нивоа, и тоа феријална пракса, практична настава и подршка на проекти за подобрување на образовните процеси. Пред почетокот на оваа учебна година веќе реализиравме феријална пракса за 40 ученици од машински и електро струки, а практичната настава за жал е времено одложена заради вториот бран на Ковид 19, кој се покажа прилично интензивен. Меѓутоа, остануваме на располагање, практичната настава да се одржи веднаш штом се створат соодветни здраствени услови за истата. При една ваква соработка, постои и придонес и бенефит. Нашиот придонес е тоа што на учениците им овозможуваме нивно практично усовршување и запознавање со работните процеси, така што по завршување на нивното техничко образование, тие ќе бидат готови кадри. Дополнително, овие ученици добиваат можност за вработување во нашата фабрика, зашто со сигурност може да кажеме дека Кавадарци, покрај лозарски град, исто така прерасна и во вистински индустриски град, каде што опстојуваат повеќе индустриски капацитети, што ги ангажираат сите овие кадри што ги произведува средното техничко училиште. За сите овие ученици, креираме работни места, креираме иднина“ рече Кујунџиев. 

 

Тој истакна дека дека бенефитот за компанијата е тоа што сами ќе подготуваат кадри, обликувани според нивни потреби.

 

Дополнително денеска во просториите на Еуроникел Индустри, се одвива и крводарителска акција. Ова е повеќегодишна соработка со Црвениот Крст, така што два пати годишно вработени од компанијата  учествуваат во овие акции.

Нашата подршка и учеството на нашите вработени, како и подршката на образовни, спортски, културни, здраствени и други видови проекти од интерес на заедницата, го отсликува нашиот целокупен пристап кон одговорноста што ја имаме кон општеството.

 

А.Д



Share

Додади коментар