И граѓаните на Кавадарци вечерва се приклучија на протестите под мотото „За заедничка Македонија“. Голем број граѓани се собраа пред храмот Света Петка од каде го продолжија маршот по градските улици се до градскиот плоштад.
На плоштадот, актерот Диме Коцев ги прочита, како што рече барањата на кавадарчани.
„Се собравме да кажеме дека во Кавадарци се лафат два официјални јазици, македонскиот и кавадаречкиот. Ние граѓаните на Кавадарци односно на Македонија, македонци, албанци, турци, роми, власи, бошњаци и сите други кои живеат во Македонија бараме од политиките партии да изготват платформа со граѓаните за заедничка Македонија и да ги отфрлат платформите пишувани во туѓи држави. Бараме од политичките партии во преговорите да не помислуваат да усвојат владина програма која не била изгласана од граѓаните на избори. Од партиите исто така бараме, а особено од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да не попуштаат да се гласа во собранието законот за двојазична Македонија затоа што тоа ќе биде вовед во редефинирање на нашата држава“ рече Коцев.
За време на мирниот протест се скандираше „Македонија“ и се пуштаа патриотски песни.
„Не сакам двојазичност во Македонија. Не сакам кога ќе отидам во сала или на стадион да ја слушнам химната на Македонија изменета од платформата на туѓа држава“ рече фубалерот Горан Стојанов во изјава за медиумите.
Писателот Тодор Богев смета дека македонскиот народ би го загубил мнозинството поради, како што рече, предавството на дел од нашиот народ кој работел на остварување на албанската платформа донесесена во Албанија.
„Тоа е платформа донесена под сугестија на албанската дијаспора. Дијаспората знаеме е најрадикална и поставува најрадикални барања. Ние немаме друга држава. Македонија е држава која го гарантира нашиот македонскиот идентитет и таа е упориште и за целата македонска дијаспора која црпи сила од оваа парче земја. Албанците веќе имаат две држави, нишиот јазик и нација се веќе афирмирани, сега прават удар против македонскиот идентитет. Не знеме што содржи таа платформа, не знаат ни во раководството на СДСМ, само тоа го знаат во врхушката на партијата“ рече Богев.
И за утре во 17 часот се најави уште еден протестен марш кој ќе започне од храмот Света Петка во новиот центар на Кавадарци. Под истото мото вечерва протест имаше и во Неготино.
Ангел Данов

Додади коментар