Три дена во Кавадарци се чествуваа грозјето и виното. Се одржуваше стопанско-туристичката и културна манифестација Тиквешки Гроздобер. Годинава лозарите во малку поопуштена атмосфера ги пречекаа гостите, бидејќи проблемите со кои се сретнуваа при минатогодишните берби на грозје, пред се со неизвесниот пласман и ниските цени, годинава како да беа надминати.
Организаторот на оваа манифестација, која се одржува од далечната 1964 година е задволоен од посетеноста на манифестацијата. Велат се испи многу вино, но и скарите поминаа одлично. Во склад со кавадаречкото гостопримство не се мери колку се испило, ниту пак изело.
„ Тиквешкиот гроздобер и карневалот ги организираме да оддадеме почит на она што сме, а ние сме лозари и винари. Оваа година и со посредство на Владата и со посредство на севишниот успеавме да имаме бериќетна, убава година со среден откуп и со цени кои за прв пат ги договорија лозарите и винарите. Се наоѓаме во средината на гроздоберот. Луѓето се сеуште уморни и се по своите лозја, но ние чествуваме. Годинава имаме најбогата програма досега. Кон тоа се приклучија сите ресторани, кои имаа и своја програма и мислам дека овие три ноќи беа бели ноќи за Кавадарци, ноќи во кои се празнува. Задоволен сум што еве втора ноќ поминува без ниеден инцидент со пиење со мерка. Не ги броиме ниту галоните, ниту литрите што се испиени. Ме радува кога луѓето се весели“ рече градоначалникот Александар Панов.
Годинава на гроздоберот дојдоа звучни имиња од македоската естрада. Пред кавадарчани и гостите од земјава и странство настап имаа ДНК, Тамра, Синтезис, Кирил Џајковски, Каролина Гочева, Хавана Микс од Куба, Фрајле и легендарниот Масимо Савиќ.
На годинашниот тиквешки гроздобер учествуваа 9 винарии и 2 месни индустрии. На винскиот карневал настапија околу 1100 учесници распоредени во 27 карневалски поставки. Покрај домашните поставки на карневалот учествуваа и маски од Струмица, Прилеп, Перник-Бугарија, Птуј-Словенија, Едеса-Воден од Грција, Измир-Турција и Углевик.
Симона Минова беше избрана за винска кралица и заедно со кралот и градоначалникот кренаа здравица за богат и берикетен гроздобер. Градоначалникот Панов симболично го откина првиот грозд.
Вчера и најмладите беа дел од чествувањето на грозјето и виното. Се одржа детскиот карневал на кој тие под маски го претставија чинот на одгледување на грозјето,
Оваа традиционална манифестација преставува еден вид продолжение на долга и богата традиција, која на овие простори се одржувала од антички времиња, кога во чест на богот на грозјето и на виното Дионис биле одржувани т.н. Дионисови денови.
Ангел Данов

Додади коментар