Загрижувачки пораст на бројот на нови ковид позитивни во Тиквешијата – во функција и модуларната ковид болница
22-01-2022 РЕГИОН

За два дена 250 нови ковид позитивни случаи во Кавадарци и околината, покажува официјалната статистика, а бројот е многу поголем,  ако се земе во предвид дека тестирања се вршат и во домашни услови и значаен дел на позитивни пациенти со полесни симптоми не се јавуваат на лекар.

 

Ваквата состојба е загрижувачка – велат здравствените работници. Поради зголемениот број на нови случаи се бележи и притисок врз болничкиот дел во кавадареката болница. Директорот на болницата д-р Диме Коцев вечерва информираше дека попладнево е отворена и модуларната ковид болница.

 

„Во ковид одделот на болницата имаме 27 хоспитализирани пациенти. Вечерва во функција е ставена и модуларната ковид болница и таму имаме еден примен пациент. Вкупниот капацитет за прием на ковид позитивни пациенти е 60 болнички кревети. Денеска во инфективната амбуланта имавме 350 прегледи заедно со тестирања“ вели директорот на болницата и апелира до граѓаните да покажат поголема одговорност, бидејќи ваквиот сериозен притисок е удар и врз здравствените работници, бидејќи и дел од нив се ковид позитивни.

 

Иако во овој бран на корона вирусот каде доминатнтен е омикрон сојот пациентите се со полесна клиничка слика, сепак 4% на дневно ниво од новодијагностицираните имаат потреба од хоспитализација.  Доколку продолжи неодговорното собирање и дружење се создава простор за помасовно ширење на вирусот. Здравствените работници алармираат, дека можно е да дојде до ситуација да нема доволно медицински кадар, бидејќи и тие се на удар на вирусот. Затоа е потребна поголема одговорност од сите граѓани.

 

Во моментов активни се 492 случаи во Кавадарци, 202 во Неготино и 23 во Демир Капија.

 

Од понеделник 24.01.2022 година, лабораториските анализи за позитивните КОВИД пациенти ќе се вршат во Лабораторијата во "Старата болница" секој работен ден од 08.00 до 12.00часот.

 

Aнгел Данов

 

 



Share

Додади коментар