Земјоделските претпријатија и индивидуалните земјоделци од населените места на Неготино и Демир Капија годишно есенски земјоделски култури засејуваат на површина од над 3000 хектари.
За да не одмине временскиот рок, земјоделските претпријатија ја имаат веќе започнато есенската сеидба, иако почвата е сува од причина што повардарието е зафатено од долготрајна суша. При вакви услови есенската сеидба се извршува неквалитетно, а доаѓа и до расипување на машинската механизација. Што се однесува за индивидуалните земјоделци уште малку ќе ги очекуваат задоцнeтите есенски дождови да ја натопат сувата земја и притоа квалитетно да ги засеат обработливите површини со јачмен и пченица.
Есенва Земјоделското претпријатие „Црвени Брегови“ кај Неготино планира да насее 450 хектари јачмен и 400 хектари со пченица. Според информациите што ги добивме од инженер агроном Стојче Марков, засега со четири трактори и сејалки работниците имаат насеано 350 хектари со пченица. И во такви неповолни услови претпријатието „Црвени Брегови“ ќе настојува да ги насее планираните 850 хектари со јачмен и пченица.
На сува почва есенската сеидба од деновиве ја започнаа и вработените при Земјоделското претпријатие „Дуброво“ кај Неготино. Според информациите добиени од инженер агрономот Гоце Јованов, есенва ќе се настојува да се насее пченица на површина од 500 хектари. Инаку, во ова претпријатие деновиве интензивно работниците ја извршуваат бербата на хибритната пченка што е застапена на површина од 150 хектари. Според првичните резултати од досегашната берба приносот се движи од осум до десет тони пченка од еден хектар.
На сува почва без потребната количина на влага веќе неколку дена и работниците при Земјоделскиот комбинат „Венец“ од Долни Дисан ја имаат започнато есенската сеидба. Од планираните 170 хектари, досега се насеани 100 хектари со високородна пченица, информираше инженер агроном Блажо Наков. Останува во наредниве дена да се насеат уште 70 хектари пченица и 50 хектари со јачмен.
Земјоделците од неготинско и од демиркаписко со семенски материјал и вештачко ѓубре се имаат снабдено од земјоделските аптеки кои се доволно снабдени. Каква ќе биде жетвата во идната година, колку ќе изнесува просечниот принос, ќе зависи од климатските услови, а особено од есенските врнежи од дожд кој со нестрпление се очекуваат во овие топли и сончеви октомвриски денови, велат земјоделските агрономи и индивидуалните земјоделци.
Петре Пашоев

Додади коментар