Земјоделците мака мачат годинава со заштита на растенијата поради лошото време

Нестабилното време, честите обилни врнежи и промената на температурата се главни причини за развој на болестите кај земјоделските култури, тврдат стручњаците. Годинава поради глобалните климатски промени, болестите направија големи штети во производството. Посебно на удар е виновата лоза, каде пламеницата и пепелницата направија огромни штети.

 

„Среде зима имавме некарактеристично високи температури. Тоа беше услов многу патогени и штетни инсекти да преживеат и со развојот на вегетацијата да направат големи штети. Лозарите кои имаат најголеми штети од пламеницата најверојатно не ја извршија заштитата навреме, бидејќи во земјоделството најважно е правилото да се спречи, а не да се лечи“ објаснува  проф д-р Ристо Вучков, експерт за заштита на растенијата. Тој нагласува дека во земјава земјоделците сеуште заштитата ја извршуваат стихијно и по слободно убедување, а тоа негативно се одразува по квалитетот на приносот посебно во вакви временски услови.

 

 Покрај пламеницата закана за долгогодишните насади со винова лоза се и хлорозата, апоплексијата, фомопсисот.

„Многу е важно земјоделците да ги почитуваат стручните совети. Пак ќе речам превентивното и навремено дејствување може да даде резултат во борбата со болестите и штетниците. Откако болеста ќе земе замав речиси и не е можно да се излекува растението“ дециден е проф. Д-р Вучков.

 

A.Данов



Share

Додади коментар