Кавадаречкиот совет ја усвои завршната сметка на општинскиот буџет
15-03-2022 РЕГИОН

Со 14 гласа „за“ и 5 „против“ советот на општина Кавадарци денеска во рамки на осмата редовна седница ги усвои годишната сметка на буџетот за 2021 и извештајот за работењето на општината.

Од завршната сметка се гледа дека општина Кавадарци минатата година има остварено вкупни приходи од 1.042.153.000 денари и вкупни расходи од 1.185.134.000 денари.

 

Советничката од ВМРО-ДМПНЕ, Весна Ѓорѓиева во својата дискусија рече дека извршувањето на буџетот за минатата година било за пофалба. Таа нагласи дека меѓу ретките општини е Кавадарци со реализација од 82,56%, а тоа треба да им биде поттик за понатамошно успешно работење.

 

Круме Богевски од Левица се осврна на вработувањата и нагласи дека тенденција на политичката партија од која доаѓа е сите вработени да бидат со решенија за работа, а не со договори преку агенција за времени вработувања.

 

Советникот Јован Златев се осврна на проблемите со кои ќе се соочат фирмите во Кавадарци со затворањето на канцеларијата на централниот регистар и на трезорот. Како што истакна, со тоа граѓаните ќе бидат принудени услугите од овие институции да ги извршуваат во канделариите во Велес.

 

“Процентот на реализација на капиталните расходи е околу 70%. Ако не беше изборна година, тој процент би бил понизок“ забележа во својата дискусија советникот Павле Маневски.

 

Советникот Кузманов од ВМРО-ДПМНЕ се осврна на сите реализирани проекти во изминатата година по урбани и месни заедници, нагласувајќи дека тоа биле проекти чиј благодет го чувствуваат сите граѓани.

 

За координаторот на советничката група на СДСМ, Вуко Мелов во реализацијата на буџетот имало одредени потфрлувања, особено кај неданочните приходи, чија реализација била само 15%.

 

“Од ниско задолжена општина во 2017 година, општина Кавадарци сега е на пат да стане високо задолжена општина“ констатира Мелов, правејќи споредби со долгот на општината.

 

Градоначалникот Митко Јанчев во своето обраќање пред советниците се осврна на изнесените забелешки. Истакна дека по однос на забелешките за времени вработувања, веќе контактирал со МТСП од каде побарал согласност за вработување на 42 лица во детската градинка „Рада Поцева“ кои во моментот се времено ангажирани и добил ветување дека во најкраток рок согласности ќе биле добиени.

 

По однос на можното затворање на канцелариите на централен регистар и трезорот, побара заедничко дејствување на сите советници. Нагласи дека општината ќе достави допис до владата и надлежните институции да се објават огласи за вработување на службеници во овие канцеларии, како би се избегнале проблемите со кои би се соочиле компаниите во општината, која е на висока позиција по економски развој.

 

Јанчев во подолгата дискусија нагласи дека на сите тендери кои ги објавувала општината се јавувале се поголем број на компании, а со тоа се појавувала негативна аукција, односно реализација на проекти по пониски цени од планирањата.

 

Градоначалникот нагласи дека во неговиот претходен мандат и во првата година од вториот мандат се бележи значитечно зголемување на основниот капитал на општината.

„За четири години имаме три пати зголемен основен капитал на општината.  Или од 12 милиони евра претходно, денеска општината располага со основен капитал од 40 милиони евра. Исто така за четири години имаме значително зголемување на буџетот“ рече Јанчев и елаборираше за сите реализирани проекти во изминатиот период кој дале придонес во зголемувањето на основниот општински капитал.

 

 

Во врска со прозивката од опозицијата во советот дека општината прераснува во високо задолжена општина, Јанчев елаборираше дека во моментот долгот на општината е 5% од вкупниот капитал или 30% од вкупниот буџет, додека во 2017 година бил 40% од општинската каса.

На денешната седница беа донесени и детални урбанистички планови за  УЕ 5 и УЕ 11, односно Младински за период од 2020 до 2025 и „Киро Спанџов“  за плански период 2018 – 2023 година.

 

Советот донесе и одлуки за кофинансирање на проект за изградба на водоводна линија, фекална и атмосферска канализација на ул. „Лазо Асијата“ и доградба на потпорен ѕид за заштита на инфраструктурни линии на ул. „Клинска“, како и одлука за кофинансирање на проект за реконструкција на атмосферската канализација во с. Возарци, со разделување од фекалната.      Советниците на денешната осма седница ги усвоија и завршните сметки на сите основни и средни училишта во општината, како и на институциите од  областа на културата и јавни претпријатија  под општинска надлежност. 

 

Со 11 гласа „За“, 1 „воздржан“ и 4 против се усвои годишна сметка на ЈП Комуналец и извештајот за работењето во минатата година. Беа дадени согласности за измените и дополнувањата на статутите на училиштата во општина Кавадарци, се именуваа претставници во управни одбори, а пред советниците беше и наративниот  извештај за манифестацијата Свети Трифун и информација за состојбата во лозарството. Советот го разгледа и барањето од лиценцирани превозници во општина Кавадарци за зголемување на цените за такси превоз.

Aнгел Данов



Share

Додади коментар