Таксистите од Кавадарци денеска имаа работна средба со градоначалникот Митко Јанчев, командирот на кавадаречката полиција, Сашко Димовски и стручните општински служби.
Како што информираат од кабинетот на Јанчев, се разговарало на повеќе теми, меѓу кои и унифицирањето на такси возилата, паркинг места за такси возила и решавање на проблемот со така наречените диви таксисти.
Од состанокот произлегле и заклучоци дека до крајот на оваа недела ќе се обележат сите паркинг места за такси возила и ќе се постават знаци на местата каде недостасуваат. Обележаните места за овие возила ќе бидат слободни и секогаш ќе се користат исклучиво за такси превозниците, се со цел да се воспостави ред, ќе се вклучи и кавадаречката полиција со засилени контроли.
За да се реши проблемот со „дивите“ таксисти, локалната самоуправа и полицијата апелираат до граѓаните и такси превозниците кои регуларно вршат превоз на патници, да ги пријават нелегитимните превозници на бројот 192.
На состанокот, на такси превозниците им бил презентиран и новиот предлог брендинг на автомобилите се со цел да се изврши унифицирање на автомобилите. Такси компаниите и превозниците имаат рок до крајот на август да ги унифицираат автомобилите.
А.Д

Додади коментар