Во понеделник по повод сто годишнината од загинувањето на Габерот Кавадарци ќе се потсети на неговото дело. Ќе се одржи свечена академија на која обраќање ќе има градоначалникот Алексадар Панов.
Пригоден реферат за животот и делото на Димката Габерот ќе поднесе доректорот на музеј галерија Кавадарци, Петре Камчевски, а ќе биде изведена и културно уметничка програма.
Една од најзначајните личности од историјата на тиквешкиот крај е учителот, револуционер и борец,Димката Ангелов Габерот. Неговото име е толку врежано во свеста на луѓето што во срцата на народот од овој крај прерасна во легендарна личност. За животот и делото на Габерот, историчарот и директор на музеј галерија Кавадарци ќе напише:
Димката Ангелов Габерот е роден во виорот на Првата светска војна во Ваташа на 17 октомври 1916 година како второ дете на Ленка и Ташо Ангелови. Основно образование завршил во родното место со одличен успех,па се запишува во први клас нижа гимназија во Кавадарци . Овде го завршил само трети клас бидејќи со Законот за заштита на државата биле затворени поголем број гимназии во Македонија,меѓу кои се наоѓала и гимназијата во Кавадарци. Четврти клас и мала матура завршува во Прилеп. Во октомври 1930 година со само 14 години заминува во Белград,каде се запишал на престижната учителска школа. Се стекнал со диплома на учител во Неготин Краина каде што ја завршил Учителската школа и положил голема матура.За време на летниот распуст често се дружел со Страшо Пинџур,а за ова нивно пријателство и дружење дознаваме од дневникот на Страшо Пинџур каде Димката бил опишан како младинец со многу дарба.Во учителската школа доаѓа до израз неговиот бурен и револуционерен темперамент,не ја трпи неправдата,се буни и ги критикува неправедните постапки на неговите професори.
Неговиот прв јавен испад се случува на плоштадот во Кавадарци во 1936 година каде пред народот ја напаѓа експлоататорската политика на владата на Милан Стојадиновиќ пред министерот за социјална политика и народно здравје Драгиша Цветковиќ. Бидејќи бил противник на владата, Димката долго време останува без работа.
Во пролетта 1937 година е обвинет дека е комунист и шири комунистички идеи,па затоа е уапсен заедно со поголема група напредни луѓе и одлежува три месеци затвор во Велес.
Димката добива работа како учител во село Дабниште во септември 1937. Тоа траело кратко бидејќи во март 1938 година заминува во Винковци на отслужување на воениот рок. Во војската секогаш ги заштитува послабите и угнетувани војници,па затоа бил почитуван од своите другари.
Како учител бил почитуван и омилен кај учениците,нивните родители и жителите од селото. Се дружел со своите колеги учители од соседните села и секогаш имал време да разговара со селаните од Радња за многуте прашања што ги интересирале. Со младинците од селата Бохула,Чемерско и Радња организира и раководи курсеви за ракување со оружје.
Поради неговиот бурен темперамент во средината на јануари 1941 година,непосредно пред разгорувањето на Втората светска војна е интерниран во логорот Меѓуречје кај Ивањица,заедно со поголема група младинци од Кавадарци.Тука се стекнал со големо револуционерно искуство.
Во април 1943 година Димката Ангелов е избран за политички комесар на Штабот на Третата оперативна зона,кој во исто време беше и штаб на партизанскиот одред "Добри Даскалов".
Како борец Димката се одликува со неизмерна храброст и решителност,а кога било најпотребно знаел да ги мотивира послабите. Димката до крај остана доследен на своите убедувања да не потклекне пред тешкотиите. Ја прифаќа борбата иако е тешко ранет од првиот плотун на непријателските куршуми. Загина на 10.06.1943 година заедно со Ило Виларов,Пано Мударов и Стојан Крстев.
По загинувањето на Димката Ангелов Габерот останаа многу дилеми, меѓу кои секако онаа која и ден денес ја разбранува јавноста во целиот Тиквешки крај: “Зошто Димката Ангелов Габерот не беше прогласен за Народен херој“. Исто така Тиквешијата и Македонија и по 73 години од неговата смрт, не се знае вистината кој го предал додека закрепнувал во пештерата во близина на селото Галиште. Габерот за да не падне жив во рацете на непријателските сили сам си пукал во глава.

Додади коментар