Кавадарчани доставиле 7249 барања до општината за легализација на дивоизградените објекти. Од почетокот на примена на законот за легализација се работи по доставените барања, а граѓаните ја комплетират документацијата.
Од општината денеска добивме информацијата дека на предметите за легализација работат три комисии и засега не се соочувале со проблеми. Од вкупниот број на доставени барања, постапката поради разни основи била прекината за 5519 предмети, а биле решени 632 од кои 624 добиле позитивен одговор и веќе постапката за тие објекти е завршена, а 8 предмети биле одбиени и тие остануваат со статусот дивоградба. Комисиите имаат задача да сработат уште 1089 предмети.
Граѓаните кои добиле решение со кое им се прекинува постапката во наредниот период имаат задача да ги комплетираат документите за кои им е наложено да ги достават и во најкраток рок исто така треба да го достават геодетскиот елеборат.
Комисијата очекува зголемен обемна работа откако ќе се започне со достава на елаборатите, но кадровски општината била добро екипирана да одговори на задачата.
Согласно на измените на законот за легализација на дивоградби до 18 јуни следната година е крајниот рок до кога може да се достават елаборатите. Доколку не се испочитува овој рок постапката за легализација ќе биде целосно прекината. Околу 40 отсто од доставените барања се однесувале за легализација на дивоизградените викендички на Тиквешкото Езеро.
Ангел Данов

Додади коментар