Лозарите попарени - Стари цени за грозјето, исплата за шест месеци
26-08-2016 РЕГИОН

Новата берба на винско грозје лозарите ја дочекуваат со стари откупни цени. По долгите разговори и преговори не се мрдна ни со еден денар во цената, напротив се врати и старото законско решение, наместо за три, грозјето повторно ќе се плаќа за шест месеци.

 

Лозарите се понижени, изиграни и овој гроздобер. Ќе го продаваат родот за без пари, бидејќи церната која се договори не ги покрива трошоците за производство.

 

Производителите на грозје се категорични, дека ова цена е од 2005 година, а од тогаш досега репроматеријалите се значително поскапи и со неверување ја примаат веста за откупните цени.

Синоќа од Неготино се соопшти годинашнава откупна цена. Навидум лозарите и винарите постигнаа договор. Визбите и годинава ќе плаќаат 11 денари за смедеревката и 13 денари за кратошија.

 

Освен цената по која ќе им се зема родот на лозарите тие повторно го имаат стариот проблем, грозјето да им се плаќа после половина година, иако на големо се промовираше измената за скратен рок на отплата од три месеци.

 

Заменик - министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ванчо Костадиновски, информира дека ќе има измени на законското решение кое ја регулира исплатата. Ќе се врати старото решение за отплата на рок од шест месеци.

 

„ Во закон ќе биде внесено 20 проценти од грозјето да биде платено по откупот и тоа до 15 декември. Доколку не се почитува тој договор, за винарите ќе има казна од десет проценти. Следната исплата е предвидена да биде до 15 февруари и тоа 40 проценти од вредноста на количината на откупено грозје. Последната рата да биде до крајот на април кога треба да бидат исплатени уште 40 проценти од грозјето. Доколку не се почитуваат тие рокови,  договоривме со винариите да има 10 отсто пенали кои треба тие да ги плаќаат. Исто така договорено е оној кој ќе договори откуп на количина грозје со винариите, доколку сака исплата веднаш во рок од 7 дена по извршениот откуп, да му биде исплатено грозјето со осум проценти намалување од договорената цена“ информираше Костадиновски на синоќешната прес конференција во Неготино, која се одржа после состанокот со претставници на лозарите и винарите.

 

Костадиновски како претставник на државата е оптимист дека годинава бербата ќе започне и ќе заврши без проблеми.

 

„ Главна тема што не преокупира сега и нас како Влада и Министерството, Државниот инспекторат за земјоделие, е да се организира гроздобер на задоволство на двете страни. Најголем дел од винското грозје се произведува во Тиквешијата и откупот на грозјето е многу важен за егзистенцијата, а има и други реони на лозаропроизводство. Бев вклучен во преговорите заедно со министерот и директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, градоначалниците и претставниците на лозарите и винарите. Имаше неколку  предлози коишто ќе значат надминување на состојбата во која се наоѓаат винариите. Ние како претставници на централната власт и на локалната сме тука за да ставиме до знаење дека ќе се почитува тоа што е договорено меѓу двете страни“ рече  Костадиновски.

 

Проиводителите на грозје на состаноците ги претставувае лидерот на „Агротиквешија“, Љупчо Аризанов. Тој смета дека е постигнат компромис после долготрајни преговори.

 

„Лозарите треба да бидат задоволни поради тоа што ги задржавме минатогодишните цени. Нека ни е среќна бербата 2016 година. Го  повикувам Министерството за земојделство во краток временски интервал да го реши проблемот со целокупната количина на грозје која ја поседуваат лозарите индивидуалци и фирмите кои се на нивниот терен“ рече Аризанов.

 

Златко Стојчев, лозар од селото Сопот, кој беше вклучен во преговорите во изјавата за медиумите рече дека е задоволен од цената на грозјето, бидејќи таа цена и ја барале на преговорите.

 

Новата берба на винското грозје ќе започне деновиве, но таа стартува со долгови од визбите кон лозарите. Сеуште има визби кои должат, но лозарите стравуваат дека повторно ќе им се дозволи да откупуваат. Дали државата со повисоки субвенции ќе им помогне на лозарите за да стигнат до цена која ќе им ги покрие барем трошоците, останува да видиме.

 

Ангел Данов

danovangel@gmail.com 



Share

Додади коментар