На денешен ден 1945 година при АГИТПРОП во Кавадарци е пуштена во работа првата Разгласна станица, чија цел била да го информира населението од Кавадарци за сите позначајни настани во земјата и во светот, потсетува директорот на музеј галерија Кавадарци, Петре Камчевски.Според него разгласната станица имала еден засилувач и еден микрофон, на кој биле поврзани два звучника од по 50 вати.
Едниот звучник бил поставен на градскиот плоштад, а другиот во “Дарданелското Маало“. Програмата на разгласната станица , потсетува Камчевски ја подготвувале членовите на театарската група која секој ден подготвувала едночасовна емисија. во која имало вести, што се добивале од редакцијата на весникот “Билтен“, а имало и забавен дел кој бил наречен “Трнче и копривка“, во кој се исмејувале некој несоцијални појави.
Програмата ја подготвувале Александар Грков, Илија Каровски и Лазар Грозданов. Вестите ги подготвувале Васил Анастасов, Велко Поп Коцев и Киро Мукаетов, а со техниката раководелe Диме Мустеников-Перодршковиќ и Тодор Мурџев.Со оваа информација директорот на музеј галеријата преку својот фејзбук профил уште еднаш не прошета низ минатото на Кавадарци.На ова постарата генерација и тоа како ќе се потсети и ќе сподели спомени и искуства, а помладите останува да сме благодарни на Камчевски што барем преку значајните датуми и фотографиите не прави привилегирани да ѕирнеме во она добро време за живеење за кое постојано слушаме.
M.M

Додади коментар