Над 200 нови случаи на ковид 19 и седум починати во Кавадарци од почетокот на полицискиот час
18-03-2021 РЕГИОН

Кавадарци останува на врвот по новите дијагностицирани случаи на корона вирус, споредено со бројот на жители.

 

За само шест дена, откако е на сила полицискиот час, во период од 12 до 17 март годинава има 207 нови  ковид позитивни. Во овој период, според податоците кои ги објавува министерството за здравство, во Кавадарци починале седум лица поради компликации од корона вирусот. Од почетокот на пандемијата со вирусот се заразиле вкупно 3954 лица, а во моментов активни се 684 случаи.

 

Од овој нов бран во кој циркулира претежно „британскиот сој“ на Сарс Ков2,  ковид одделите во кавадаречката болница се постојано со наплив на пациенти, кои имаат потреба од болничко лекување и се зависни од кислород.

 

Според податоците од болницата во Кавадарци, во изминативе 24 часа примени се седум нови пациенти. Вкупно се лекуваат 74 пациенти, а има слободно уште 21 болнички кревет.

 

Лекарите велат дека и покрај ваквата загрижувачка состојба, голем дел од граѓаните продолжуваат со неодговорно и незрело однесување во време на светска пандемија. Не се почитуваат ниту основните мерки за заштита.  Претежно младите, кои сега почесто се инфицираат со вирусот,  се помалку носат заштитни маски, или ги носат не правилно. Голем е бројот и на веќе дијагностицирани позитивни кои слободно се шетаат низ маркетите и аптеките, но никој не ги санкционира.   Сеуште земјава е далеку од спроведување на масовна имунизација. Досега вакцина примија само здравствени работници.

 

Дали ќе има нови рестриктивни мерки комисијата за заразни болести ќе одлучува на почетокот на наредната недела. 

За да се намали ударот од новиот бран на корона вирус, денеска Лекарската комора побара воведување на дополнителни рестриктивни мерки. 

 

А.Д

Извештај на ИЈЗ за последните 24 часа

 

Општина Росоман со апел до граѓаните



Share

Додади коментар