„ Двомесечната суша како природна временска непогода проследена со екстремно високи температури и отсуство на било каков атмосферски воден талог од една страна, и разорно лошото управување (менаџирање) со постоечките капацитети за наводнување од страна на јавното водостопанско претпријатие од друга страна, доведоа до катастрофално тешки последици по лозовите насади, особено по оние до кои системите за наводнување останаа суви и оние лозови насади кои сеуште не се опфатени со хидро-мелиоративниот систем за наводнување. Родот на овие лозови насади е 100 % УНИШТЕН. До 60% е намален и родот кај оние лозови насади кои добиле вода само еднаш а такви ги има многу“ стои во заклучоците кои ги донесе Здружението „Напредни лозари“ на седницата одржана синоќа.
Понатаму од ова здружение истакнуваат дека таквите лоши состојби се должат на повеќедецениската негрижа и неодржување на постоечките системи за наводнување и немање односно неспроведување на државни стратегии за поттикнуавање на инсталирање на системи со помала потрошувачка, како системите капка по капка и контрола на количините потрошена вода за наводнување по пат на вградување на мерачи, односно водомери на пример.
Од „Напредни лозар“ забележуваат дека не постои координација со останатите јавни претпријатија кои стопанисуваат со вода како на пример со Јавното комунално претпријатие и ЈП Водостопанство.
„Не се огласија ни општинските центри за управување со кризи по ова прашање. Пред очите на граѓаните се случуваше парадокс цистерни полни со вода, во најврелите денови да ги полеваат тревнатите површини во и надвор од градот, а родот на лозовите насади да се суши поради немање вода. Доколку постоеше координација, со дел од водените капацитети на овие иматели, во најкризните моменти можеше и да се спаси родот. Но за таква една работа не постоеше ни координациија а ни слух како на локално, така и на републичко ниво“ обвинуваат од здружението.
Апелираат до надлежните во локалната самоуправа и во МЗШВ, итно, до почеток на бербата на вранецот да се изнајде начин, лозовите насади кои ги опфаќаат системите за наводнување да се обезбедат со количините вода потребни да се спаси родот.
Исто така се бара аа оваа година да се предвидат дополнителни финансиски средства за покривање на штетите настанати со сушата и да се изврши субвенционирање на системите за наводнување капка по капка. Воедно да се стимулираат лозарите за поставување на вакви системи и преку подрастично намалување на цената на коштање на наводнувањето по хектар лозов насад преку системот капка по капка.
A.Д

Додади коментар