Климатолозите алармираат дека треба да се подготвиме за изгор лето. Метеоролозите од УХМР и од регионот се согласни дека летото 2013 година ќе биде многу топло и суво со повисоки температури од просечните за летните периоди во изминативе години. Ќе има услови за долги топлински бранови и за намалени врнежи, а најтопло ќе биде во август, пишува Дневник.
Според Пеце Ристевски, климатолог во УХМР, најголема е веројатноста ова лето да биде натпросечно топло.
„ Се користат разни модели при подготвувањето на сезонските временски прогнози од повеќе светски метеоролошки центри. Според предвидувањата, околу 60 отсто е веројатноста дека ќе има натпросечно топло лето, а веројатноста за вообичаено лето е далеку помала. Но, имајќи ги предвид методите, не можеме со сигурност да кажеме кога и колкави топлински бранови ќе има затоа што во игра се повеќе глобални климатски фактори, како северноатлантските осцилации или феноменот Ел Нињо. Генерално, имајќи ги предвид климатските промени и општото затоплување на планетата, може да кажеме дека не` чека многу топло лето - вели Ристевски.
Хидрометеоролошкиот завод на Србија на својата веб-страница ја објави сезонската прогноза за претстојното лето, според која врнежите ќе бидат намалени, а температурите во јуни, јули и во август ќе бидат повисоки од просечните. Ристевски вели дека сезонската прогноза за Македонија ќе биде иста како онаа што е предвидена за Србија поради географската близина и услови.
Според српските метеоролози, средната максимална температура на воздухот во јуни и во јули ќе биде за 0,3, односно 0,4 степени повисока од повеќегодишниот просек. Во август ќе биде најтопло кога средната максимална температура ќе биде над просекот за 0,8 степени. Летото со целиот интензитет ќе продолжи и во септември, за кога исто така се предвидуваат температури повисоки за 0,8 степени од просекот. Во октомври и во ноември не се очекуваат изненадувања, односно температурите ќе бидат нормални за периодот од годината.
извор: Дневник











Додади коментар