Директорот на Агенцијата за вработување на Македонија денеска разговараше со неготинските работодавачи и им ги презентира мерките за вработување преку повеќе различни процеси.
Средбата се случи во просториите на општина Неготино, а присутни беа и градоначалникот на Неготино, Ванчо Апостолов и претставници од заводот за вработување.
Работодавачите и претставниците од бизнис секторот ги истакнаа своите најголеми проблеми. Повеќето од нив се пожалија дека не успеваат на време да пријават прекувремена работа затоа што некогаш потребата за дополнителна работа е непредвидлива.
На ова, директорот Поповски истакна дека сега имаат опција преку интернет да пријават работа во недела или пак, дополнителна работа, и тоа за помалку од една минута.
- Не мора да ги барате инспекторите за да пријавите прекувремено работење. Најлесно и најбрзо таа работа можете да ја завршите преку интернет за триесетина секунди – потенцираше Поповски.
Претставничката од заводот за вработување, Кристина Чадамова ги презентираше мерките и нормите за вработување невработени лица, преку разни обуки, практиканска работа, како и субвенционирање претпријатија.
Претприемачите, за време на дискусијата, предложија да се посвети внимание на обезбедување и обучување стручен кадар за потребите на пазарот на трудот.
Во Македонија има вкупно 91.500 невработени лица коишто активно бараат работа. Во нив се вклучени и граѓани коишто потешко се вклучуваат во општеството, ранливи категории како лица со посебни потреби, бездомници, роми и слично.
Елена Данова

Додади коментар