Ваташкото училиште од секогаш било расадник на таленти и успешни академски граѓани. Учениците од ООУ „Димката Ангелов Габерот“ ја проодлжуваат таа традицијата. Годинава многу од нив постигнаа одлични резултати на општинските, регионалните и републичките натпревари.
Денеска училиштето им се заблагодари на учениците за успесите што ги постигнаа . Им беа доделени благодарници и по една книга на сите кои го афирмираат училиштето и му носат одлични резултати.
Директорката Јанушка Милкова е горда на своите ученици и на наставниот кадар кој работи во училиштето.
„Оваа учебна година беше доста плодна за нашите ученици. Тие беа присутни скоро на сите натпревари. Она што посебно ме прави горда и среќа и што ме мотивира да продолжам со оваа работа е што сите ученици се вратија со успеси, односно ги освоија и првите три награди и на општински натпревар па и на регионални. Стигнавме дури и до републички натпревари каде што по математика ученичката Мартина Танева го освои третото место и оваа недела ќе оди на математичка олимпијада“ рече Милкова.
Таа нагласи дека од клупите на ваташкото училиште излегле многу ученици кои што биле таленти, кои денеска се успешни граѓани на ова општество.
„ Таа традиција на успешни луѓе верувам дека ќе продолжи и понатаму, бидејќи самите награди се рефлексија на сето она што се работи во училиштето. Наградите не доаѓаат сами по себе. За да бидеме успешни значи мора да се работи многу, да се жртвува слободното време во постојано учење и надградување. Среќна сум што има ученици што се заложуваат, кои што уште од мали нозе го трасирале својот пат и успешно се движат кон своите цели. Тука се и наставниците кои секојдневно ги мотивираат, подржуваат и поттикнуваат. Наставничката професија е една од најтешките професии. Ако ние како родители не можеме да се справиме со едно- две деца, можете да замислите како им е на наставниците да од едно дете моделираат, да направат успешен човек. И самите наставници вложуваат многу. Пред се успешен наставник е оној кој умее да ги детектира афинитетите, талентот, желбата и љубовта кон одредени сфери од образованието. Многу е битно да се открие талентот. Верувам дека секој еден ученик може да биде добар ученик. Секое дете е посебен карактер, приказна сама за себе, но мора да се открие тоа што го сака и понатаму да се поттикнува“ рече Милкова.
Во училиштето во тек е уписот на првачиња за новата учебна година. Од училиштето апелираат до сите родители чии деца од септември ќе тргнат во прво одделение, а гравитираат кон ваташкото училиште, да го посетат и да се запознаат со условите кои ги нуди, како просторни, така и со надгледни средства за реализирање на наставната програмата.
„Сите наши обврзници се добредојдени. Јавно ги повикувам сите да дојдат во училиштето и да ги погледнат условите кое ги нуди училиштето. Нашето училиште секоја година чекор по чекор ги подобрува условите за настава. Оваа година имаме околу 25 училишни обврзници. Се надеавам дека до крај на мај месец ќе се запишат во училиштето“ вели Милкова.
Директорката најави дека од почетокот на новата учебна година во септември наставата ќе се изведува во една смена. За тоа училиштето ги имало сите потребни услови, а потенцира дека во училиштето има можност за продолжен претстој на учениците.
„Од септември почнуваме со едно сменско работење. Ги имаме условите. Летово ќе се направат само мали измени и реконструкции во просториите. Со едно сменско работење ќе заштедиме многу и на енергија. Во училиштето имаме и продолжен претстој. По завршувањето на наставата секој ученик од прво до петто одделение може да остане и да биде згрижен од двајца наставници кои што работат околу домашните задачи, работат со децата кои имаат потешкотии во учењето. Тоа е доста добар пример за родителите кои имаат обврски да ги остават учениците да ги завршат своите училишни и домашни обврски“ нагласи Милкова.
Aнгел Данов

Додади коментар