Невообичаен повик за интервенција добиле синоќа пожарникарите од кавадаречката противпожарна единица. Од нив помош побарале испаничени граѓани да ги спасат од смок во строгиот центар.
Пожарникарите велат дека покрај гаснење на пожари, спасување при сообраќајки, достава на вода со цистерни, им се случуваат и вакви несекојдневни повици за помош. Тие потсетуваат дека имаат вадено баба која паднала во бунар, а интервенирале и при повик во зграда, каде во станот заспало мало дете и се заклучило.
„Според нас, змиите и смоковите не напаѓаат ако не се загрозени. Затоа смокот не го утепавме, туку со пожарникарското возило го однесовме надвор од градот и го пуштивме“ раскажуваат пожарникарите.
Деновиве меѓу кавадарчани се шират информации дека многу често, поради топлото време, се приморани да интервенираат и да ги бркаат влекачите од своите дворови, градини и викендици.

Додади коментар