Ребалансот на буџетот на општина Кавадарци денеска се најде на расправа пред советниците во советот. На расправата за буџетот претходеа силни препукувања дали советот да расправа за проблемите на лозарите, по предлог на советникот Горан Белевски од СДСМ и за предлогот на градоначалникот Александар Панов, да се дискутира околу изјавата за двојазичност на цела територија на Република Македонија, дадена од лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Советникот Сашко Петров забележа дека неможе на дневен ред да биде поставена точка што нема никакви законски рамки. Тој нагласи дека изјавата на Заев не била во никаква процедура и немало потреба да расправа кавадаречкиот совет, додека проблемите со грозјето биле реални и советот морало да донесе заклучоци.
Следеа партиски препукувања околу предлозите на дневен ред. По паузата за смирување на страстите, градоначалникот Панов го повлече предлогот да се расправа за изјавата на Заев за двојазичност.
Ребалансот на буџетот беше усвоен на денешната седница со 11 гласа „За“ и 6 „против“. Дискусиите на советниците поминаа воглавном со обвинување за потребата од ребаланс. За опозицијата буџетот на општината бил список со нереални желби и истиот бил како желботека.
„При носењето на буџетот се пумпаат ставките, а сега нема реализација и е потребен ребаланс. Кавадарци е град кој се распаѓа, град со лоша инфраструктура. Високи 60 % од буџетот се трошат само за плати“ рече Белевски и обвини дека иако се ветувало изградба на нова градинка, Кавадарци сеуште ја нема.
Реплицираше градоначалникот Панов. Нагласи дека ја добил довербата на кавадарчани во два мандати благодарение на тоа што го сработил.
„Кога дојдов на позиција градоначалник затекнав училишта во хаотична состојба. Сега училиштата се реновирани и со одлични услови за настава. Не е вистина дека буџетот се троши 60 отсто за плати.“ рече Панов. Потоа следеа повеќе реплики меѓу Белевски и Панов.
По повеќето дискусии ребаланот ја доби потребната подршка од советот.
Во рамки на денешната седница се разгледуваа и беа прифгатени извештаите за сработеното во минатата учебна година од основните и средните улилишта, програмите за работа годинава и извештаите и програмите на музичкото училиште и детската градинка „Рада Поцева“. Во делот на работењето на гимназијата беше поставено прашање дали гиманзијата има капацитет за едносменско работење. Дали има доволно простор за сите професори и дали со едносменско работење ќе може истовремено со повеќе класови да се одржува наставата по физичко образование. Од опозицијата го прашаа директорот на музичкото училиште „Лазо Мицев Рале“ дали биле точни гласините дека УСАИД е можно да ги укине парите за концертната сала. Одговорот од директорот беше дека нема да запре тој проект и дека има доволно финансии.
Беа донесени неколку одлуки за финансиска помош на граѓани кои имаат потреба од лекување и финансиска подршка за ГФК „Тиквеш“ Кавадарци. Едногласно беа подржани и актите за систематизација на работни места во ЈП Комуналец и за утврдување на висина на бод за исплата на плата на вработените во мини хидро централите Лукар и во ЈП Комуналец.
Aнгел Данов

Додади коментар