Продолжува периодот на нестабилно време со поројни врнежи од дожд и град во поедини реони. И денеска попладне прогнозата е дека можно е да се очекуваат поинтензивни процеси во форма на невреме.
„Во текот на денешното попладне како и вечерва во Tиквешкиот регион растат условите за развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Не се исклучува можноста локално процесите да бидат ПОИНТЕНЗИВНИ и во форма на НЕВРЕМЕ проследено со поинтензивен пороен дожд, електрични празнења и појава на град. Значи во ваков случај и во случај на појава на електрични празнења граѓаните на тој регион да бидат крајно претпазливи“ прогнозира метео прогнозерот Славчо Поповски за денеска попладне.
Тој нагласува дека интензивни процеси се можни и во поголемиот дел од државата.
Синоќа невреме со град го зафати селото Дебриште. Паѓаше град со големина на зрна кикиритки и направи штети на грозјето и праските.
„ Штетата е голема, оштетувањата според нас се стопроцентни кај лозјата и педесет отсто кај праските. И фотографиите кажуваат. Ги молиме надлежните да излезат на терен и да ги проценат штетите, рече Виктор Стојанов од Дебриште.
Драганчо Николов, советник во подрачната единица на Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството во Кавадарци, потврди дека штети има во атарите на росоманските Дебриште и Камен дол. Рече дека уште денеска ќе излезат на терен за да ги согледаат состојбите и да им дадат препораки на оштетените.
А.Д

Додади коментар