Проектот „купи куќа за млади“ претставен пред кавадарчани
01-04-2016 РЕГИОН

Проектот „Купи куќа за млади“ кој им нуди на младите можност да си купат куќа на кредит со субвенции од државата синоќа беше претставен пред кавадарчани.

Во своето обраќање пред присутните граѓани, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески рече дека во разговор со младите се увидело  дека младите имаат предизвик кога се на почетокот на животот и кариерата, а немаат заштеда за да обезбедат куќа за себе, па токму поради тоа се дизајнира овој проект.

 

Во овој проект  можат да учествуваат сите кои имаат помалку или наполнето 35 години. Ако се во брак, доволно е едниот брачен другар да го исполнува тој услов.

„Има две опции. Едната овозможува да се користат субвенции при отплата на месечната рата. Ако одите во банка и побарате кредит од 30 илјади евра, околу 200 евра е месечната рата која треба да се плаќа. Банката ќе побара учество од околу 7.5 илјади евра. Во текот на првите 8 години од враќањето на кредитот,  секој месец 80 проценти од месечната рата плаќа Владата, или 160 евра. Тоа е таа субвенција, остануваат за плаќање уште 40 евра месечно. Во наредните три години, половина од ратата плаќа Владата, а половина граѓанинот што земал кредит. Од 12 до 20 години од кредитот, целосниот износ на месечната рата го плаќа тој што подигнал кредит. Значајно е што полни 11 години од вкупно 20 има огромната поддршка од Владата. Тој период е најзначаен бидејќи во текот на тие 11 години, човек напредува во работата и заштедува, па полесно може во иднина да го поднесе товарот на враќањето на средствата“ рече Ставрески и ја претстави и врората можност која се нуди со овој проект.

„Некој сака да земе кредит во банка од 30 илјади евра, но нема учество од 7,5 илјади евра. Во тој случај Владата ги обезбедува тие пари, а месечната рата си ја плаќа корисникот на кредитот“, додаде вицепремиерот

 

 

Ставрески пред присутните нагласи дека никој досега во Македонија не им приужил ваква подршка на граѓаните кои можат да аплицираат за изградба на нова куќа, како и за надградба на постоечката.

Кавадарци за овој државен проект ќе понуди околу 200 локации, од која најголемата е во месноста Смилица, рече градоначалникот Александар Панов

 

„Во градот има неколку помали локации, од кои едната близу реката Луда Мара, која на две парцели има обезбедено околу 90 плацови. Во моментов директно може да се распише оглас за  понуда на десетина локации, појасни тој. Целта на општината е да се понудат повеќе локации за да се постигне пониска цена“ рече Панов.

Проектот во целост со сите свои карактеристики и услови на вчерашната презентација го претстави Ана Николова од канцеларијата „Купи куќа, купи стан“ од Скопје.

Aнгел Данов



Share

Додади коментар