Лозарите и винарите денеска го слават празникот Свети Трифун. Симболично се изврши закројување на виновата лоза и се упатија молитви за богат и квалитетен род. Во Кавадарци на градскиот плоштад закроија митрополитот на повардарската епархија г. Агатангел, градоначалникот Митко Јанчев, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, пратеникот Зоран Јованчев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски. Јанчев им посака богат род и добра цена на лозарите, а благослов за квалитетно грозје упати и владиката.
На закројувањето на виновата лоза претходеше свечен коктел во општинската зграда по повод празникот на лозарите.
Премиерот Ковачевски и министерот за земјоделство Николовски денеска закроија на плантажите на АДЗП Гоце Делчев Тиквеш во Трстеник.
Лидерот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска од Кавадарци упати повторно порака за национално единство и им го честита празникот на лозарите Свети Трифун. Тој одговараше и на новинарски прашања.
Министерот за локална самоуправа Горан Милевски во изјава за медиумите демантираше дека денеска во Кавадарци на денот на одбележувањето на Свети Трифун немало претставници на владата.
По повод празникот Свети Трифун денеска се закрои и импровизирана винова лоза во винскиот музеј во Кавадарци, местото каде се собрани сведоштвата за традицијата на овој крај во одгледувањето на винова лоза и производство на вино. Винскиот музеј додели плакети на свои соработници кои придонесуваат во развојот на винската култура и традиција.

Додади коментар