Расте бројот на заболени од грип
16-01-2014 РЕГИОН

Велешанка на возраст од 67 години е првата жртва на грипот годинава. Таа починала на инфективната  клиника во Скопје. Таму била примена пред два дена со тешка клиничка слика и низа заболувања, срцева слабост и хронична белодробна болест. Кај оваа жена бил дијагностициран грип од типот H3N2.

- На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани 90 до 100 пациенти од кои половината се со грип. На Инфективната клиника во моментов на одделението за интензивна нега се сместени четворица пациенти, а во клиниката се задржани и две трудници, рече директорот на Клиниката за инфективни болести Звонко Миленковиќ .

Надлежните во земјава денеска информираа дека бројот на заболени од грип расте. Напоменаа дека  лицата без хронични заболувања можат да се лекуваат дома, но доколку симптоми на грип имаат повеќе од три дена, треба да се јават кај својот лекар.

Од друга страна, мали деца, бремени жени и хронично болни лица се препорачува веднаш да побараат совет од медицинско лице.

Од Центарот за јавно здравје Кавадарци  информираа дека последната недела во Кавадарци се евидентирани 33 нови случаи на заболени од грип, со што вкупната бројка сезонава на грипозни се искачи на 85. Епидемиологот д-р Ристе Јовановски рече дека бројката е слична со таа од минатата година. A.Д



Share

Додади коментар