Решение на проблемот со неисплатените пари за грозјето од 2009 до 2012 година од винарските визби „Винеа“ и „Џумајлија“ бараа денеска заеднички лозарите, заменик министерот Коњановски, претставник на Држваниот инспекторат за земјоделство и претставници на визбите.
Неколку часа лозарите ги кажуваа проблемите со кои се соочуваат пред Коњановски. Рекоа дека и покрај судските пресуди не можат да дојдат до своите пари за грозјето. Тие отворено го прашаа и претставникот на „Винеа“ кога ќе им биде платено грозјето. Добија одговор дека за дел од лозарите во изминативе денови се пуштени пари на трансакциските сметки, а за останатиот дел дека прават напори за да се исплатат.
„ Тешко преживуваме. Треба да платиме сметки за струја, вода. Да им платиме на аптеките за препаратите, да платиме за воден надомест, а нам со години ни должат и ниту извршители неможат да ни ги наплатат тие побарувања, а кога ние должиме лесно ни ги земаат парите“ рекоа лозарите и побараа државата да им бара банкарски гаранции на откупувачите за да не се случуваат вакви проблеми кои тешко можат да се решат.
„Како човек се солидаризирам со лозарите. Сакаме да направиме притисок врз „Винеа“ она што го има ветено и договорено да си го исплати кон лозарите. Во телефонски разговор со стечајната управничка на „Џумајлија“ ни беше изнесено дека сите околу 55 милиони денари кои се должат на лозарите се наоѓаат на посебна потсметка, но се чека да завршат судските постапки. Сега за неколку дена судот во Кавадарци треба да донесе одлука , па после еден месец треба Апелациониот суд да донесе конечна одлука и веднаш после тоа тие 55 милиони денари ќе легнат на сметките на откупувачите, а потоа тие ќе ги распределат на сметките на лозарите“ рече заменик министерот Коњановски.
Ангел Данов

Додади коментар