Во рамки на редовната 48 седница кавадаречекиот совет вчера расправаше за состојбите во лозарството и хаосот кој се случува секоја година со откупот на грозјето. Дискусиите на сите советници беа во правец дека не треба за лошата состојба во лозарството да се меша политика, туку да се изнајдат реални решенија.
Сите беа едногласни дека владината мерка за стимулирање на винарските визби со по три денари за откуп на грозје од сортата вранец-кратошија не ги дава очекуваните резултати и повторно се откупуваат мали количини на грозје.
„Општина Кавадарци и кавадарчани се наоѓаат во вонредна состојба поради хаосот со откупот на грозје, а голем број семејства егзистираат од грозјето. Решението е во власта и во никој друг. Државата има механизми и може да спроведе интервентен откуп, согласно законот за земјоделство и рурален развој“ рече советникот Горан Белевски, по чиј предлог советот расправаше за лозарите.
Советникот Сашко Петров рече дека во овој момент е потребно да се тргне партизираноста и да настапат сите советници заедно.
„Владата со финансиски средва од 10 милиони евра да го откупи грозјето, бидејќи има 18 милиони евра за панорамски тркала и потоа откупеното грозје да се претвори во дестилат. Секоја кавадаречка фамилија е засегната со овој проблем“ рече советникот Петров.
„Проблемот се надзираше уште во мај кога визбите најавуваа намален откуп“ рече Божанка Минова. Таа предложи советот да апелира визбите да ги отворат вратите за прием на целото винско грозје.
Советникот Ташо Радњански во својата дискусија оцени дека целата ситуација со бербата и откупот е веќе видена, визбите сакале да си
купат евтино грозје и создавале вештачки проблеми.
„Мора цената на грозјето да биде барем 20 отсто од цената на литро вино. Половина евро е килограм грозје во Албанија. Но визбите кај нас намерно го уништуваат лозарството. Па ако не го уништеа, како ќе се обезбедеше евтина работна рака во фабриките“ рече Радњански.
Советникот Ристо Сакалиев решението на проблемот го гледа во поставувањето на подвижни муљачи на нивите следната година и обезбедување на цистерни кои ќе собираат суровина за производство на вино. На тој начин визбите би се држеле настрана и би останале без грозје.
Апелот и од координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата беше, сите визби да ги отворат вратите за откуп на грозјето.
Градоначалникот Александар Панов ги запозна советниците за текот на преговорите за откупна цена. Рече дека визбите уште со донесувањето на измените на законот за вино и кратењето на рокот за исплата на грозјето покажале дека ќе прават проблеми со откупот, затоа повторно бил вратен стариот рок за исплата од шест месеци, но со строго контролирана динамика на исплата на ратите.
„Откупот е слаб. Апелирам визбите да го откупат грозјето и да ја искористат владината мерка за субвенција од три денари за откупен килограм кратошија“ рече градоначалникот Панов и нагласи дека визбите и лозарите не се во рамноправна положба. Информира дека имало откуп на грозје во гајби за извоз во Бугарија. Според него визбите се однесувале недомаќински кон она што му е база и основна суровина за работа и производство на вино.
После дискусиите и вербалната подршка за лозарите советот донесе неколку заклучоци. Советниците повараа владата да донесе одлука за интервентен откуп, план и стратегија – системски мерки за долгорочно решавање на проблемот со откупот на грозјето. Им препорачаа на винарските визби да ја искористат мерката стимулација од три денари за килограм грозје и да ги отворат вратите на винарските визби. Да се почитуваат законските регулативи и да има контрола на истите во поглед на шеќерноста и во поглед на плаќањето на грозјето.
Aнгел Данов

Додади коментар