Како што засега изгледаат работите, актуелниот совет на општина Кавадарци денеска ја имаше последната седница, 57-ма по ред. Советниците најпрво расправаа по извештаите за одржаните манифестации Тиквешки гроздобер и Свети Трифун минатата година, а организирани од Здружението на граѓани „Пиволенд“ и „Темов“ од Скопјe. Oвие точки беа дел од дневниот ред на минатата седница и истите се одложија за денешната, бидејќи беше побарано на комисиска расправа повиканите да ги образложат извештаите.
Единствено по извештаите своја дискусија имаше советникот Сашко Петров. Тој обивни дека организаторот на стопанско-туристичката и културна манифестација „Тиквешки гроздобер“, „Пиволенд“ го добил тендерот за организирање со задоцнета апликација на конкурсот и апелираше до сите советници да гласале против извештајот бидејќи со изборот за советници имаат дадено заклетва дека соодветно ќе се грижат за имотот на општината, а во овој случај четири милиони денари општински пари биле потрошени противзаконски.
Сепак извештаите беа усвоени од мнозинството во советот со 11 гласа „за“, 6 „против“ и еден воздржан.
По гласањето Петров побара да биде извршена ревизија на договорот со организаторите на „Тиквешки гроздобер“.
Едногласно советот одлучи да се издвојат пари од буџетот за здравствена заштита во селата Сопот и Возарци. Едногласно беа донесени и одлука за финансиска помош на општината во лекување на неколкуминакавадарчани. Се усвои програмата за одбележување значајни настани и истакнати личности со спомен обележја, а се донесе и одлука за подигање на спомен биста на Блажо Тодоровски – чичето.
На денешната седница едногласно беше усвоена предложената одлука за давање на согласност за утврдување на висината на бод за исплата на плата на административните службеници вработени во ЈП „Комуналец,а се даде согласност и на годишниот план за вработување во општината за 2017 година.
Се донесоа неколку одлуки поврзани со урбанистичка документација и одлука за отпис на каматите за застарени долгови кои ги имаат граѓаните за сметки за вода.
Советниците донесоа едногласно и заклучоци по предлогот на советникот Ташо Радњански, да запре неколнтролираната сеча околу изворите „Лукар“ за да не се загадува водата која ја пијат жителите на Кавадарци, Росоман и Неготино.
Советот на општина Кавадарци, дава иницијатива подрачјето на сливот на Стара Река до водоснабдителниот систем Лукар да се прогласи за заштитена зона за експлоатација. Исто така советниците побараа организирање на јавна трибина по однос на овој проблем за кој се мисли дека е причинет од „Македонски шуми“, превземање на соодветни активности пред основното јавно обвинителство и да се задолжат стручните служби на општината и инспекторатот од за земјоделство, шумарство и водостопанство како и инспекторатот за животна средина да извршат увид на местото каде е вршена сеча и да се превземат соодветни мерки.
Ангел Данов

Додади коментар