Стефан Ѓорѓиев го фати светиот крст во Кавадарци
19-01-2016 РЕГИОН

По шест обиди, денешното,  седмо скокање по светиот крст беше среќно за шеснаесет годишниот Стефан Ѓорѓиев од Кавадарци. Тој усепа да го извади светиот крст од водата на реката Луда Мара каде се одржа централната манифестација по повод големиот празник Богојавление Водици.

За разлика од минатите години, годинава најверојатно поради ладното време, беше помал бројот на момчињата кои скокнаа по светиот крст.

 

„ Многу сум среќен поради тоа што ова ми е седма година како се обидувам да го фатам осветениот крст и најпосле успеав. Очекувам здравје, среќа и радост, рече во изјавата за медиумите Стефан Ѓорѓиев . 

Ѓорѓиев од локалната самоуправа доби тв приемник, а сите кои скокаа по крстот добија бањарки.

Подароците им ги врачи секретарот на општина Кавадарци Ќире Делов кој упати честитки до сите верници по повод празникот Богојавление.

 

„ Да си посакаме оваа година и сите години што следат многу здравје и многу среќа пред се. Чинот на кој бевме денес сведоци да не сплоти како народ уште повеќе“ рече Делов.

 

На чинот на осветување на водата во реката Луда Мара и потопување на светиот крст претходеше света литургија во храмот Свети Димитрија, а за прв пат годинава и во новоизградената црква „Света Преподобна Параскева- Петка“. Потоа верниците од двете цркви со литии се упатија кон кејот на реката каде присуствуваа голем број верници.

 

Богојавление-Водици е еден од најголемите христијански празници. Познато е дека се празнувал уште во вториот век од христијанската ера.  Конкретно е поврзан со крштевањето на Исус Христос од свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител.

 

Овој празник се нарекува уште и Водици, заради големиот водосвет, што го извршува Црквата на овој ден. Големиот водосвет е симбол на обновувањето на нашата огревовена природа и на целиот космос преку вода и Дух.

 

Ангел Данов

 



Share

Додади коментар