Младите земјоделци ќе добијат околу 10.000 евра субвенции доколку се пријават за нова мерка за субвенционирање предвидена со програмата за оваа година. Огласот е веќе објавен од страна на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и во руралниот развој, пишува Дневник. Средствата се доделуваат за период на реализација на деловниот план и се исплаќаат на годишно ниво во најмногу три рати. Финансиската помош може да се додели во вид на авансна исплата во висина од 30 отсто од вредноста на одобрените прифатливи трошоци. Младите фармери парите ќе може да ги искористат за зголемување на конкурентноста на земјоделското производство, а еден од условите е да се запишани во регистарот за земјоделски стопанства.
„ Максимална вредност на прифатливи трошоци од корисник за мерка изнесува до 600.000 или околу 10.000 евра. Првично е наменета за помош на млади земјоделци за започнување земјоделска дејност. Подносителот на барањето треба да има минимум средно образование од областа на земјоделството или да поминал обука за добивање квалификации за земјоделска дејност. Тој треба да е носител на земјоделското стопанство и да ги почитува добрите земјоделски практики и мерките за заштита на природата и на благосостојбата на животните.
Поддршката за наменета за младите фармери се реализира преку одобрен деловен план од страна на Агенцијата, кој треба да предвидува инвестициони активности за модернизација на земјоделското стопанство за период од најмногу три години од денот на одобрувањето на поддршката. Повикот до младите земјоделци е отворен до 18 јуни годинава.
Младите фармери се надеваат дека во иднина, освен постојните програми, ќе има уште многу други, со кои ќе ги стимулираат да се занимаваат со агробизнис.
Извор: Дневник

Додади коментар