Искршени корпи за отпадоци, оштетени клупи за седење и откорнати даски од нив. Ова е сликата на кејот на реката Луда Мара. Иако во неколку наврати општината беше насочена да се санираат штетите после дивеењето на поединци кон општественото добро, некој постојано е дежурен и сака да го уништи тоа што е наменето за сите граѓани.
Не само на градскиот кеј, урбаната опрема во повеќе наврати е мета на вандалите и на градскиот плоштад, се уништуваат детските риквизити на детските игралишта.
Најголем дел од граѓаните ги осудуваат ваквите вандалски постапки, за кои велат дека најверојатно се дело на млади луѓе кои под дејство на алкохол во вечерните часови вршат уништување на предметите кои се потреба за сите.
Градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов апелира сите граѓани да покажат поголема свест кон општествениот имот и доколку забележат девијантно однесување од поединци да пријавуваат во полиција.
- Не својствено е штотуку поставена урбана опрема да се оштетува. Континуирано се кршат кантите и клупите на реката и на плоштадот. Се краде цвеќе од жардинериите. Се палеше оган на штотуку изградено игралиште за коледе. Тоа претставува голем егоизам но и расипничко трошење на нивните пари. Апелирам совесните граѓани да ја превземат граѓанската одговорност и да ги пријавуват хулиганите кои уништуваат. Подобро е да градиме нови паркови и да поставуваме нова урбана опрема а не да поставуваме веќе поставена опрема – рече Панов.
Ангел Данов

Додади коментар