Во рамки на редовната 59 та седница советот расправаше по кварталниот извештај за извршувањето на буџетот за вториот квартал од годината и по ребалансот.
Опозицијата во советот забележа дека буџетот се реализирал само во делот на плати за вработените во општинската администрација за кои се трошеле по 46 милиони денари. Капиталните расходи биле на многу ниско ниво.
„И годинава реализацијата на буџетот ќе биде околу 9 милиони евра. Незнам од каде планира да најде уште еден милион евра за ребаланс кој го бара градоначалникот. Ова е ребаланс за избори, но нема да дозволиме повеќе купување на избори“ рече советникот од СДСМ, Зоран Бањански.
Советничката Милица Андова констатира дека за шест месеци буџетот бил реализиран само 14%. Обвини за непродуктивни трошења, а ребалансот го нарече смешен.
Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Јованчев ги спомена реализираните проекти во минатиот период и упати апел владата на СДСМ да почнела да се занимава со проблемите на земјоделците. По ова следеше реплика од Сашко Петров кој обвини дека во изминатите години владата на ВМРО-ДПМНЕ реализирала само еден проект за земјоделците, а тоа било нивно уништување.
Градоначалникот Панов рече дека се додека општините не добијат финансиска децентрализација буџетските планирања ќе бидат вакви.
„Објективно знаеме дека планираниот ребаланс од еден милион евра е нереален, но очекувам на крај на годината да имаме реализација на буџетот од околу 80%. Не е ова буџет за избори, туку буџет за потребите на граѓаните“ подвлече Панов.
Советникот Сашко Петров упати критика на поранешната централна власт што 11 години не издвоила пари да се изгради нова градинка во Кавадарци и побара од градоначалникот ветување, доколку актуелната централна власт изгради нова градинка, да даде јавна благодарност, на што се обврза и градоначалникот.
Кварталниот извештај и ребалансот беа изгласани со 10 гласа „за“, 5 „против“ еден „воздржан“.
Програмата за тиквешкиот гроздобер ќе се разгледува на продолжение на 59-та седница закажано за 27 јули, бидејќи советниците од СДСМ побараа програмата пред советот да ја образложи фирмата која ќе ја реализира, а нивни претставници денеска немаше на седницата. Градоначалникот, по барањето од опозицијата во советот за јавна дебата околу содржините на гроздоберот, ги повика кавадарчани кои имаат идеи и предлози за воведување на новини за гроздоберот да се сретнат со него и да се разговара за тоа.
На денешната седница советот донесоа и одлуки поврзани со урбанистичко планска документација и за распределување на финансиски средства од буџетот.
Ангел Данов

Додади коментар