Хидраулично ќе се регулира притисокот на водата за пиење во Неготино
02-09-2014 РЕГИОН

Градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов и претставник на фирмата ИМГ од Загреб-Хрватска - рангирана меѓу 10-те најреномирани светски компании за изведување на ваков тип на работи, го потпишаа договорот за спроведување  на проектот со чија реализација притисокот на водата за пиење која доаѓа до домовите на граѓаните ќе се регулира хидраулично.

 

Со тоа, Неготино ќе стане првиот град во Република Македонија во кој на најсофистициран начин ќе се регулира притисокот на водата за пиење, што ќе придонесе за создавање повеќе бенефити при што дефектите на водоводната мрежа ќе се сведат на минимум, ЈП Комуналец ќе остварува големи заштеди во делот на ангажирање на човечките ресурси и издвојувањето материјални средства за отстранување на дефектите и што е најважно ќе дојде до регулирање на притисокот во сите зони, што пак ќе обезбеди рамномерен доток на вода до сите семејства независно дали живеат во ниска или висока зона.

 

Проектот, кој е еден од неколкуте кои локалната самоуправа и градоначалникот Апостолов ги спроведуваат за подобрување на водоснабдувањето, е вреден над 20.000.000 денари-средства кои ќе бидат обезбедени од Буџетот на општина Неготино, а доколку временските прилики го дозволат тоа, се очекува работите комплетно да бидат завршени до крајот на тековнава 2014 година, се наведува во информацијата од одделението за односи со јавноста и медиумите при општина Неготино.



Share

Додади коментар