Променливото време и варијациите на температурите негативно влијаат врз здравјето на луѓето. Работата на матичните лекари во овој период е зголемена. Зачестија настинките и бронхитите. Магливото и влажно време негативно им се одразува и на асматичарите.
Изминатиот викенд се бележи зголемен број на хоспитализации на детското одделение во општа болница Кавадарци. Според информациите што ги добивме од началникот на детско одделение, д-р Лидија Димитрова заклучно со денеска хоспитализирани се 15 дечиња, и капацитетот на одделението е исполнет. Најчесто се работи за настинки проследени со висока температура и бронхити. Исто така се хоспитализирале и дечиња кои имаат опстуркитвни бронхити.
Од Центарот за јавно здравје Кавадарци, пак, добивме информација дека изминатата недела е е видентиран само еден случај на сезонски грип, со што вкупната бројка на заболени достигна 16.
Лекарите велат дека сезоната на респираторни заболувања допрва почнува, а, згора на тоа, сѐ поактивни се и грипот и други вируси и настинки за кои не се примаат антибиотици.
За подобар имунитет лекарите советуваат помалку мрсна храна, чај од бозел, липа, камилица и од жалфија. Велат дека, освен производи со витамин Ц и магнезиум, може да се земаат и такви со железо. Колку што е важна физичката активност, додаваат, важен е и одморот или добриот сон.
A.Д

Додади коментар