Џаламарите ги избркаа лошите духови и ја пречекаа новата година
14-01-2015 РЕГИОН

Василичарските обичаи со години се негуваат во кавадаречко. Највесело е во селата Бегниште, Ресава, Дреново и Сопот. Таму се палат василичарски огнови околу кои се собираат жителите на селото, но и многу гости. Џаламарите се главен белег на одбележувањето на Василица . Со нивните невообичаени игри се покажува испраќањето на старата и доаѓањето на новата година, а се бркаат и лошите духови од домовите.

 

Радува тоа што традицијата на џаламарите ја продолжуваат најмладите. Тие денеска беа главни. Се` беше  подготвено како што доликува на овој празник и традиција. Василичарскиот оган распламтен, ракијата згреана, трпезата со многу јадење поставена.

Џаламарите со задоволство ја облекувале маската. Пред нашата камера неколкумина од нив ракажаа какво им е чувството додека се дел од ритуалот за бркање на лошите духови.

 

Џаламарите се главни. Невестата од нивната дружина мора да се дарува за плодност и бериќет во годината нова. Од василичарите-џаламари  денес не куртули ниту еден кој минуваше низ овие села каде се слави Василица.  Тие  влегуваат во сите куќи. Се даруваат со храна и пари. Така останало да се избркаат лошите работи, лошите духови, се оди од куќа на куќа, се коледува, им даваат ореви, јаболки, месо, вино, ракија.

„Не, не е тешко воопшто. Сакам да сум дел од ова одбележување на празникот и да бидам дел од традицијата на нашето село. Веќе 35 години се негува овој пагански обичај. Јас по втор пат сум невеста“ ни рече денеска невестата што ја предводеше дружината џаламари во селото Сопот.

 

Дружината на џаламарите обично ја сочинуваат 11 до 15 луѓе, само мажи. Луѓето кои не се дел од василичарската дружина, а сакаат да се забавуваат, цел ден се обидуваат да ги крадат невестите, да бегаат со нив, прикажуваат врз нив наводни сексуални ритуали, а бабата која исто така е дел од дружината фрла со пепел по нив, ги тепа и ја брани невестата.

Денеска џаламарите од сопот ги псоети градоначалникот Александар Панов. Тој ја даруваше невестата и им посака многу среќа и добро здравје на сите кои се дел од василичарските ритуали, но и на сите граѓани.               

А.Д



Share

Додади коментар