Регионалното Здружение „Напредни Лозари“ бара итен состанок со министерот за земјоделство Љупчо Николовски на кој ќе се дефинираат условите за откуп на сите видови грозје. Во писмото кое здружението го испратило до Николовски се наведува дека оваа година мора да бидат попречени сценаријата кои години наназад ги спроведувале преработувачите и откупувачите на грозје, а на штета на лозарите.
„Сценаријата на нерешавање и недефинирање на откупната цена и откупните квоти на грозје до самата берба, за крајна цел имаа ставање на лозаропроизводителите пред свршен чин и монополски ценовни уцени од страна на сопствениците на преработувачките капацитети и другите откупувачи на грозје (винарии и трговци-откупувачи). Ваквите сценарија доведоа грозјето ценовно да биде обезвреднето под границите на било каква рентибилност или заработка а со тоа и загрозување на егзистенцијата на лозарите“ велат од „Напредни лозари“ и нагласуваат дека министерот има рок до 10 март да ги разгледа нивните предлози и на состанок да го искаже неговиот став.
Барањата од ова здружение на лозарите се следни:
- Утврдување на технолошката зрелост на секоја сорта грозје изразена во шеќерни единици за да се избегнат можните манипулации од страна на откупувачите што до сега беше пракса. Ова да се гарантира со закон;
- Утврдување на реалната цената на чинење на производството на еден килограм грозје исто така, за секоја сорта грозје. Во истата да се пресмета порастот на производните трошоци како што се: цената на горивата, цената на вештачките ѓубрива, цената на препаратите за заштита на лозовите насади, цената на наводнувањето, цената на работната рака, амортизацијата на земјоделските машини и други трошоци. За овие две точки да бидат вклучени експерти од МЗШВ, професори од земјоделскиот факултет и претставници на лозарите;
-Утврдување на реалните откупни цени на килограм грозје за реколта 2022 година, посебно за секоја сорта грозје. Реалната откупна цена на килограм грозје да биде сочинета од производна цена на килограм грозје по сорта грозје согласно утврдената технолошка зрелост во шеќерни единици, зголемена за 50% и дополнително зголемување на цените на откупот на грозје согласно порастот на животните трошоци и падот на животниот стандард;
-Вака формираните цени да бидат гарантирани со закон, но не подоцна од почетокот на месец јуни 2022 година;
-Изработка на проект за планско производство на грозје по сорти согласно потребите на пазарот и можностите на преработувачките и откупните капацитети, краткорочно за оваа година, среднорочно за наредните три години и долгорочно за наредните пет до десет години;
-Прецизирање и дефинирање на формално-правно издржани и реални кооперантски договори за откуп на грозје во преработувачките и откупните капацитети со квантитативно-квалитативни клаузули во истите. Истите да ги гарантира МЗШВ (Владата) а во мониторингот ЗАДОЛЖИТЕЛНО да бидат вклучени претставници на РЗ „Напредни Лозари“ или од него овластени лица;
-Субвенционирање на производството;
-Изработка и донесување на Закон за лозарство и грозје како посебен закон а не во рамките на законот за вино;
Од Регионалното Здружение „Напредни Лозари“посочуваат и даваат јасно на знаење дека ќе ги искористат сите демократски дозволени средства во насока на заштита на интересите на лозарите. Порачуваат дека се спремни за преговори и со поголемите лозаро преработувачки капацитети кои ги креираат цените како и тоа дека оваа година нема да се чека септември.

Додади коментар