Засега ниедно училиште во Кавадарци нема добиено согласност за настава со физичко присуство после трето одделение
24-09-2020 РЕГИОН

На вчерашната седница Владата го усвои Извештајот за работата на Комисијата за разгледување на поднесени барања од страна на основачот на училиштето за организирање на настава со физичко присуство. Извештајот се однесува за разгледаните барања во период од 2.09.2020 година до 14.09.2020 година, со што 169 училишта добиваат согласност за настава со физичко присуство. Министерството за образование и наука ја информира јавноста дека станува збор за подрачни основни и средни училишта коишто имаат мал број на ученици.

 

Од овие училишта 6 се државни и се за деца со посебни образовни потреби, 1 приватно средно училиште со одобрение за експериментална настава во основно образование, 15 централни општински основни училишта, 147 подрачни основни училишта. Услови за започнување на настава со физичко присуство не исполнуваат 32 централни општински основни училишта, 11 подрачни основни училишта и 2 приватни училишта.

 

На оваа листа, според нашите информации нема ниедно училиште од Кавадарци. Иако побаравме одговор од МОН, дали кавадаречки училишта ќе добијат согласност за изведување на настава со физичко присуство, до затворањето на вестите одговор не добивме. Од Кавадарци сите училишта побараа да ги примат учениците во училишните клупи.

 

Според извештајот, за организирање настава со физичко присуство во средните училишта биле доставени вкупно 66 барања, од кои Комисијата предлага согласност да добијат 4 училишта од кои 2 државни училишта за деца со посебни образовни потреби, 1 приватно средно училиште, 1 општинско средно училиште. Делумна согласност за реализација само на стручните предмети и практичната настава добиваат 10 училишта (5 уметнички, 4 општински училишта и 1 државно училиште – Спортска академија).

 

Владата ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести, која, по укажувањата на Министерството за образование и наука (МОН) за потешкотиите со кои се соочуваат децата со посебни образовни потреби во следење на онлајн настава, одобри наставата со физичко присуство на овие деца да се реализира со мал број на деца во различни смени, со целосно почитување на Протоколите дадени од МОН, а училиштата кои имаат интернатско сместување да ги опфатат само своите ученици, при што во една двокреветна соба може да биде сместено само едно лице, а во соба со над два кревета може да бидат сместени максимум две лица.



Додади коментар