Изложба на Горан Боев, Ива Јосифова и Трајче Јованов во Неготино
26-06-2015 КУЛТУРА

Заедничката изложба на тројцата кавадаречки ликовни уметници Горан Боев, ива Јосифова и Трајче Јованов по  Музеј Галеријата во Кавадарци  е поместена во Музејот на град Неготино каде отворањето во присуство на љубителите на ликовната уметност од Неготино беше отворена синоќа.  За уметноста  на овие тројца исклучително талентирани ликовни уметници  синоќа говореше Марјан Тодопровски секретар на Друштвото на ликовните уметници од Кавадарци.

 

Тој во својот инспиративен говор  како добар познавач на творештвото на сите тројца уметници рече дека  изложбата претставува вистинска храброст да се соочат креативните таленти , мотиви, копнежи   и инспирации на овие автори и на едно место да се претстави нивната уметничка приказна без никаков страв еден од друг. Можеби тука  е најубавиот момент од соочувањето на нивните уметности заради  меѓусебната почит и поинаквите од себе.

 За Марјан Тодоровски Горан Боев е уметник и човек чие богатство од талент и знаење зрачи од секој негов потег со четката, со секоја негова игра со боите, преку кои ни ја доловува вечната борба меѓу неговата вродена скромност и неговата голема сликарска енергија. Неговите дела едноставно го освојуваат просторот каде и да бидат поставени.  Кај  Ива Јосифова го фасцинира  спојот на древната техника на рачно иработување на хартија  и модерниот пристап кон ликовно изразување. Тој смета дека со нејзиниот последен уметнички креативен циклус само ни потврдува дека уметноста и во 21 век има иднина. Ива Јосифова преку најновите дела  раскажува модерна еколошка приказна и не тера да размислуваме токму за животот и неговата  утрешнина која доаѓа.

 

 За уметноста и силна креативна енергија  на Трајче Јованов  и неговите цртежи и графики Тодоровски  смета дека се соодветен реален  влез во фантастиката. Во нив има музика својствена за најголемите  што претставува своевиден предизвик за љубителите на уметноста. Притоа тој за наесен ја најави првата самостојна изложба на Трајче Јованов за која не се сомнева дека ќе ја растрепери македонската ликовна сцена и  создавањето на првиот тиквешки стрип  на негов текст надополнет со стрип цртежите на Трајче Јованов .

Мирјана Мукаетова

Додади коментар