Интензивно се истражува „Градиште“ кај Неготино
11-09-2013 КУЛТУРА

Во соработка со археолози и студенти од Полска и со поддршка од општина Неготино и Министерството за култура, веќе половина месец интензивно се истражува локалитетот Градиште во близина на Неготино.

Овој некогашен град постоел уште во петтиот век п.н.е., а до сега археолозите откриле голем број монети кои сведочат за периодот во кој на овие простори живееле луѓе, како и околу три илјади парчиња керамика кои сочинуваат стотина керамички предмети.

Градоначалникот на Неготино, Ванчо Апостолов нагласува дека овој локалитет е од големо значење за градот, пред се’ заради развојот на културниот туризам во регионот.

Кустосот од Музеј на Македонија, Горан Санев пак, рече дека станува збор за град во кој било развиено производството на керамика која дури и била извезувана во околината.

За сега, археолозите кои работат на локалитетот, претпоставуваат дека овој град би можел да биде античкиот град Антигонеа. Истражувањата на Градиште ќе траат до крајот на месецов, а се очекува да продолжат и следното лето.

 

Елена Данова

Додади коментар