Крадецот на мајмунот Лука во нова кражба

Триесет и едногодишниот кавадарчанец С.Н заработи 30 дневен притвор поради извршена разбојничка кражба. Се работи за истото лице што пред еден месец изврши кражба на мајмунчето од зоолошката градина во Скопје.

Како што информираа од полицијата С.Н на 12 септември околу 20 часот е лишен од слобода поради сомнение дека сторил кривично дело, разбојничка кражба.

„Осомничениот С.Н. (31) , половина час пред неговото лишување од слобода, влегол во куќа лоцирана на улица „Шишка“ во населба Глишиќ- Кавадарци и во моментот кога одзел кутија со мобилен телефон, бил затекнат на лице место од сопственикот на куќата. Со цел да го задржи одземениот предмет, осомничениот извадил огнено оружје- пиштол и при излегување од куќата испукал еден куршум во воздух, по што побегнал. По наредба на судија во претходна постапка извршен е претрес во неговиот дом во Кавадарци, при што се пронајдени повеќе предмети кои потекнуваат од претходно извршени кривични дела“ информираше портпаролката на СВР Велес, Анита Стојковска.

Надлежниот суд му одреди триесет дневен притвор на С.Н осомничен за сторени кривични дела „разбојничка кражба“ и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

Од СВР Велес информираа дека се работи на документирање и на други кривични дела од областа на имотните деликти за кои сега споменатото лице е осомничено, за што ќе следат дополнителни поднесоци.  

                A.Д

Додади коментар