Ладниот бран грижа за земјоделците
11-03-2014 РЕГИОН

Месецот март кој од секогаш важи за променлив во поглед на врењменската состојба и годинава си го покажа вистинското лице. Земјава вчера беше зафатена од ладен бран кој во попладневните часови донесе врнежи од снег на повисоките и од дожд и снег на пониските места. Ваквата временска слика ги испаничи земјоделските производители, кои во овој период од годината се навикнати на стресни ситуации поради своето земјоделско производство.

 Во Кавадарци не се формира снежна покривка но на Витачево таа достигна 5 см. Снег имаше утринава и на околните ридови кои се на надморска височина од 350 метри.

Ноќеска во метеоролошката станица во Кавадарци е измерена минаимална температура од 1 степен над нулата, а регистриран е воден талог од 7 литри на метар квадратен.

„Засега со оваа температура нема да има видливи штети врз земјоделските култури, пред се мислам на овошките и виновата лоза.  Но,она што загрижува се најавите дека до крајот на март можно е во земјава да помине уште еден студен бран со врнежи од снег и далеку пониски температури, кои според сегашната долгорочна прогноза можно е да се спуштат и до десет степени под нулата. Тоа ќе биде многу опасно за земјоделските култури“ рече проф. Д-р Ристо Вучков.

Земјоделците со право се загрижени бидејќи многу овошни видови се веќе расцветани и кај нив сокодвижењето е максимално започнато. За наредните денови се најавуват дневни температури и до 17 степени, но утринските во некои делови од земјава ќе се спуштат и шест степени под нулата.

A.Д

Додади коментар