Личности кои ја одбележуваат историјата на Кавадарци
29-09-2018 РЕГИОН

 

 

 

    Бројни истакнати личности ја одбележуваат историјата на Кавадарци. За нив редовно информира историчарот Петре Камчевски, како хроничар на регионот. Имено, во последните денови на деветиот месец од годината или на 27 септември 1942 година, во Кавадарци починал Васил Пачаџиев, комита и војвода од илинденскиот и поилинденскиот револуционерен период во Македонија. Роден бил во с.Бања, Пиринска Македонија. Се образувал во своето родно место и во Софија, каде завршил гимназија. Во 1903 г. се вклучил во четата на тиквешкиот војвода Пешо Самарџиев.

 

Во 1905 година Васил бил борец во четата на војводата Добри Даскалов, а учествувал во борбите кај с.Грбавец, месноста “Омот“ и др. Од 1906 година бил војвода на една тиквешка чета. Се борел со турските военополициски сили, меѓутоа и со врховистите. За време на Хуриетот на чело на една чета составена од тиквешани учествува во соборувањето на султанот Абдул Азис. Пачаџиев учествувал и во Тиквешкото востание во 1913 година.

 

     Исто така во последните денови од септември, на 28, пред 75 години загинал првоборецот од Кавадарци Данчо Поп Атанасов- Гано. Роден бил во Кавадарци во 1921 г., работел како столарски работник. Станал член на СКОЈ во 1940 г., а член на КПЈ во 1941 година. Во ноември 1942 г. бил избран за член на Месниот комитет во Кавадарци. Гано бил еден од првите борци на тиквешкиот партизански одред “Добри Дасјаков“, а загинал во борбата против бугарскиот окупатор во близина на с.Гарниково.

С.Д

 



Додади коментар