МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ ЗА ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈА
04-04-2020 РЕГИОН

Пандемијата на корона вирусот со која се соочува светот, а која ја зафати и нашата земја, ги промени животите на сите луѓе без разлика на нивната возраст или пол. Фактичката ситуација е дека сите ние бевме неподготвени за една ваква нова реалност во која училиштата се затворени, децата се дома, возрасните се соочуваат со бројни промени на работните места, а воедно се соочени и со грижата за децата како и на повозрасните родители. Повозрасната популација пак се соочува со зголема физичка изолација од своите најблиски, како и редуцирање на социјалните контакти. Особено поради информациите што секојдневно ги добиваат дека тие се најсензитивни во поглед на новиот корона вирус, повозрасната популација се соочува со мноштво на негативни емоции.

 

Во една ваква новосоздадена реалност, нормално е дека сите луѓе се соочуваат со чувство на несигурност, страв, тага, зголемена анксиозност. Неизвесноста ги предизвикува овие негативни чувства кај сите и кај децата и кај возрасните, со тоа што манифестациите на овие чувства се многу индивидуални и зависат од личноста.

 

Новата реалност со која се соочуваме го става секој поединец во ситуација да мора да се адаптира на новите околности и ситуации кои ни се наметнати од кризата со корона вирусот. Семејната динамика е променета, образовниот процес е трансформиран во домашно образование и онлајн настава, работниот процес исто така е променет, многумина се соочуваат со ризикот од инфицирање со корона вирусот, а многумина своето време го поминуваат во самоизолација поради истиот. Овие интензивни промени ги тестираат индивидуалните капацитети за адаптација, со тоа што мораме да напоменеме дека во зависност од личноста и индивидуалните карактеристики, некои луѓе подобро и побрзо ќе се навикнат на изменетата реалност, а некои малку потешко, што е сосема разбирливо. На некои луѓе може да им биде потребна и професионална подршка од психијатар или психолог во надминување на стресот предизвикан од пандемијата.

 

За време на кризата многу луѓе ќе бидат во ситуација да поминуваат многу време во рамки на домот, а вообичаените социјални активности нема да ни бидат достапни. Тоа не значи дека не можеме да го ставиме фокусот на позитивните аспекти на овој променет начин на живот. Токму овој период може да ви го даде она време, што во динамичниот начин на живот ви недостигаше да го поминете со своите деца. Организирајте го времето со нив, вметнете едукативни и забавни содржини во рамки на домот, како и заеднички активности кои ќе ви помогнат да ги поттикнете позитивните чувства, но и да им помогнете на децата полесно да го пребродат овој период.

 

Не се окупирајте со следење на информации за црната статистика поврзана со корона вирусот, место тоа искористете го времето опуштајќи се со некоја нова книга, со гледање на вашата омилена серија, филм или телевизиска емисија. Физичката активност што на сите ни е потребна во овој период организирајте ја во домашни услови, направете си некоја рутина на вежбање која е адекватна за вас и вашето семејство. Ако дозволуваат температурите надвор, излезете на кратка прошетка на отворено со семејството, притоа следејќи ги препораките за заштита.

 

Физичката дистанца не значи и социјална дистанца. Јавувајте се почесто на своите блиски со кои не живеете под исти кров, особено кај повозрасните членови на семејството кои се затекнати од оваа ситуација и кои се соочуваат со чувство на страв, тага и осаменост поради неможноста да бидат физички присутни во животот на своите деца и внуци.

 

Социјалните средби организирајте ги преку социјалните мрежи и онлајн. Овозможете си комуникација со своите пријатели на некои поведри теми. Ако сте во можност вклучете се во некоја општествено одговорна работа, нормално согласно условите и препораките. Со помагање на другите си помагате и себеси, преку стимулирање на позитивни емоции и создавање на една нова перспектива дека во оваа борба со корона вирусот не сте сами и не сте беспомошни.

 

Конечно и покрај сите овие активности во вонредната ситуација предизвикана од корона вирусот, негативните емоции можат да испливаат на површина и да ве обземат. Во тој случај обидете се да ја рационализирате оваа состојба и да се потсетите дека пандемијата наскоро ќе го види својот крај, дали преку изнаоѓање на вакцина или преку создавање на ефикасни протоколи за лекување. Потсетете се дека состојбата во која се наоѓаме денес е привремена, не е трајна.

 

Доколку сепак ви е потребна професионална подршка од психолог или психијатар, во овој период се активираат линии за телефонска подршка од професионалци во областа. Клиниката за Психијатрија веќе има објавено телефонски линии за подршка на различни групи на граѓани, кои потешко се снаоѓаат во справувањето со стресот за време на пандемијата. Еве ова нека биде апел и до моите колеги кои не се од Скопје, доколку имаат можност да се вклучат во мрежата на телефонско советување на граѓаните од нивните населени места.

 

Пандемијата на корона вирусот не е само предизвик за физичкото туку и за менталното здравје. Но со позитивни мисли и чувства не само што го сочувуваме менталното здравје, туку и придонесуваме за подобро физичко здравје и кондиција што ни е неопходна за да се справиме со корона вирусот доколку бидеме во контакт со истиот. Сите ние можеме да бидеме активни учесници во борбата со корона вирусот, со одговорно однесување, придржување кон препораките и градење на позитивен колективен став.

 

                                                                                                                Специјализант по Медицинска Психологија

                                                                                                                                Анита ван де Меерендонк

 

 



Share

Додади коментар