Несовесни граѓани создаваат диви депонии пред градската депонија
23-09-2015 РЕГИОН

На пат до градската депонија Мелци несовесни граѓани создале десетици диви депонии. Оваа грда слика континуирано се надополнува без да се води сметка за животната средина. Лево и десно од патот расфрлан е градежен шут, стара облека, непотребни работи од домаќинствата. Се поставува прашање зошто да се создадат диви депонии кога на само стотина метри се наоѓа градската депонија каде граѓаните бесплатно можат да го депонираат отпадот.

Повеќе од сигурно е дека се работи за ниска еколошка свест кај овие граѓани, на кои воопшто не им е грижа за сликата и проблемот што го создаваат по своето заминување.

Од ЈП Комуналец велат дека постојано работат на расчистување на мини депониите и апелираат до граѓаните отпадот да го исфрлаат на депонијата, бидејќи за тоа не се наплаќа. Реагират и од локалната самоуправа. Градоначалникот Александар Панов порачува, малцинството граѓани со ниска еколошка свест да го променат однесувањето и да се вклопат во градското живеење.

„ Нашите сограѓани се уште за жал со селски менталитет не ја користат градската депонија, најверојатно плашејќи се дека ќе им биде наплатено па затоа депонираат на пристапниот пат до депонијата, лево и ли десно од патот, па и до регионалниот пат. Тоа создава една грда слика за градот. Апел до овие луѓе кои се несовесни. Тие се малцинство и ги молам, да се вклопат во градското живеење и депонирањето да го вршат на неказнив начин, на градкската депнија која е изградена за собирање на смет. За граѓаните депонирањето на смет е целосно бесплатно, единствено се наплаќа за фирмите“ рече Панов.

Диви депонии не се создават само овде. Иста е состојбата и на патот кон месноста Овчка река, кон браната на Тиквешкото езеро, кон Моклиште и кон ваташката брана.

 

Aнгел Данов



Додади коментар