Објавен конкурсот за наградата „7 ми септември“
27-07-2015 РЕГИОН

По повод "7ми Септември" Денот на ослободувањето на град Кавадарци, Општина Кавадарци-Локална Самоуправа објави  Конкурс за доделување на награда "7 Септември".

Оваа награда  се доделува на физички и на правни лица како знак на признание на Градот Кавадарци, за остварувања, во стопанството, науката, публицистиката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената заштита, социјалната заштита, спортот и физичката култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на Градот и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Република Македонија и во светот.

На ученици и на студенти Наградата се доделува за творечки труд или континуирани ,успешни постигнувања во наставните и вон наставните активности што претставуваат посебен придонес за напредокот и афирмацијата на градот Кавадарци.

Наградата се доделува за остварувања во изминатиот период од една година (сметано до звршувањето на конкурсот), како и за подолг изминат период кој претставува заокружена  творечка или континуирана работна целина.

 Наградата за физички и правни лица се состои од диплома и плакета, а право да предлагаат кандидати за оваа награда имаат правни и физички лица.  Предлогот за Наградата треба да биде детално образложен, а за кандидатите поединци да содржи и биографија.  Кон предлогот за доделување на Наградата за печатени дела и други изданија се приложуваат и два  примерока од делото. Како што се наведува во објавениот конкурс, предлагачот е потребно да ги наведе својот полн назив, адресата и телефонскиот број, а предлозите и иницијативите се доставуваат најдоцна до 20 август.   Формулар за конкурирање за Наградата „7 Септември“ на град Кавадарци може да се подигне во Граѓанско информативниот центар во Општина Кавадарци.

Додади коментар