Онлајн настава во кавадаречките училишта од четврто до деветто одделение - родителите нервозни и во паника
28-09-2020 РЕГИОН

Од прво до трето одделение учениците во кавадаречките основни училишта ќе следат настава со физичко присуство, а учениците од четврто до деветто одделение наставата ќе ја следат од далечина. Ваква е состојбата заклучно до денеска. Иако сите училишта бараа од МОН настава со физичко присуство, до денеска не добија согласност. И по четири дена и ние не добивме одговор од МОН, дали ќе се издадат согласности за училиштата во Кавадарци да реализираат настава со физичко присуство.

 

Денеска сите училишта во Кавадарци од општината добија насоки за последните подготовки за почеток на наставата од 1 октомври.

 

Стартот на учебната година остава отворени многу прашања. Родителите се во вистинска паника. Се прашуваат како да обезбедат компјутери за секое дете со потребните перформанси!? Еден таков лап топ чини минимум 15.000 денари. Како на еден компјутер две деца да следат онлајн настава!? Колку интернет конекцијата ќе издржи во исто време,  двајца ученици од едно семејство да се конектирани на платформата за далечинско учење!? Кој ќе им помага на децата, кога сите родители се на работа!? Овие прашања кои засега се без одговор,  го мачат речиси секое семејство,  чие дете од први октомври треба да започне онлајн настава.

 

Дополнително, голем  е бројот на родители кои не знаат да им помогнат на учениците,  како полесно да се вклучат на платформата,  преку која ќе се изведува настава, а на мака се и голем број наставници кои не се многу вешти со ИТ технологијата.

 

Главоболки имаат и родителите на учениците од прво до трето одделение кои ќе следат настава во училишните клупи. Тие дечиња ќе морат задолжително да носат заштитна маска додека се во училиште. Дали со постојаното носење на маска нема да се доведе во прашање здравјето на тие мали деца!? Дали нема опасност за хипоксија, за развој на разни други бактерии!? Како ограничувањата и протоколите ќе се одразат врз психичкото здравје не најмладите!?

 

Никој од надлежните досега не кажа колку е здравствено безбедно носењето на маска подолг период, во случајот од најмалку три часа непрекинато.

 

Се на се`, почетокот на новата учебна година од 1 октомври,  во време на пандемија,  носи многу нервози за родителите, но и многу дополнителен трошок, кој ретко кое семејство може да го покрие без проблем.

 

Ангел Данов



Додади коментар